| |

Да се оградиме од сејачите на омразата!

Насер Селмани

Сакам да се обратам до моите пријатели и сограѓани Македонци по повод последниот инцидент во Куманово, каде што група навивачи користеа говор на омраза против Албанците.

Овие срамни и примитивни скандирања одамна ја преминаа секоја граница. Ова не е изолиран, ниту наивен инцидент, вакви сцени се повторуваат речиси 35 години. Јасна е намерата: да се шири омраза и да се продлабочуваат поделбите меѓу граѓаните, охрабрени од молкот и неказнивоста што доаѓа од институциите.

Овие повици не се само навреда кон Албанците, тие се директно кршење на Уставот, кој предвидува затворски казни за говор на омраза. Доколку правната држава не реагира, се движиме кон опасна анархија.

Крајно време е да престане институционалната пракса на толерирање омраза и нетрпение. Доста е! Молкот – и институционален и граѓански – мора да заврши.

Знам дека мнозинството Македонци не ги поддржуваат овие примитивни пораки, но ако сите не се оградиме јавно и не ги осудиме, ќе изгледа како да ги одобруваме. Молчешкум праќаме погрешна порака, и тоа не смееме да си го дозволиме.

Пред години, една колешка Македонка ми раскажа дека во времето на комунизмот, оние Македонци што јавно зборувале против Албанците, полесно се вработувале и напредувале во кариерата. Денес тој ист концепт го промовираат поддржувачите на т.н. „Српски свет“, кои Северна Македонија ја користат како алатка за свои интереси. Мое е да предупредам – ваше е да одлучите.

Сериозно сум загрижен. Овие провокации можат да имаат далекусежни последици за сите нас. Потребна е јасна и одлучна реакција, и од граѓаните и од институциите. Не смееме да продолжиме да ги игнорираме сејачите на омраза. Тие не смеат да станат модели на однесување.

Мора да сфатиме: повиците за смрт на Албанците не ги засегаат само Албанците во Северна Македонија, туку и сите Албанци во регионот и дијаспората. Освен тоа, тие се чин на непријателство и кон соседна држава, Албанија, која меѓу првите ја призна нашата земја и постојано покажува разбирање и поддршка. Тоа не смее да се сфати како слабост.

На крајот на краиштата, судбината си ја кроиме самите. Не смееме да се вадиме на политичарите и да се претставуваме како немоќни. Не сме! Само треба да собереме храброст.

Во овој повик намерно не ги спомнав политичарите затоа што тие се дел од проблемот. Нема да им трепне око да нè втурнат во хаос ако тоа им служи на личните или партиските интереси. Но, на крај, цената ја плаќаме ние, обичните граѓани. Размислете.

Слични Објави