Плаштеницата на Света Петка Бугарска е веќе во Бугарија и е изложена за богослужба во Велико Трново
По повод празникот Рождество на Света Богородица Велико Трново од Романската православна црква доби подарок плаштеница на Света Петка Бугарска, нарекувана уште и Трновска. Светата облека на заштитничката на Бугарија и на стариот главен град е изложена за богослужба во катедралата во Велико Трново. За време на литургијата за пречекот на плаштеницата беше оддаден спомен по повод жртвите од поплавите долж јужниот брег на Црното Море.
Со воен ритуал пред соборниот храм „Рождество на Богородица“ во Велико Трново беше пречекана плаштеницата на Света Петка Трновска која старата престолнина ја доби како подарок од Романија. Светиот дар го прими митрополитот Великотрновски Григориј, кој се помоли за благосостојба, но и за упокојување на душите на настраданите од поплавите во Царево.
„Денеска е ден на жалост, така што нашата радост ќе биде поумерена. Мораме да ја молиме Света Петка Трновска да се застапува пред Бога за душите на оние што не напуштија“.
Моштите на Света Петка царот Иван Асен II ги донел во главниот град Трново, каде што се чувале речиси два века. Во 1641 година, посмртните останки на светицата биле положени во митрополитската катедрала во Јаш, Северна Романија.
Преговорите со романската држава, Велико Трново да ја добие плаштеницата на покровителката на Бугарија и градот продолжија 8 години, објасни градоначалникот Даниел Панов.
Многу мирјани дојдоа да се поклонат пред реликвијата која останува во Велико Трново:
Добивањето на плаштеницата на покровителката на Бугарија беше овозможено со благослов на романскиот патријарх Даниил, со помош на Русенскиот митрополит Наум и во соработка на бугарската амбасада во Букурешт.
Бугарите ја слават Света Петка како заштитник на жената, домот и семејството.