|

Да внимаваме со добрите гестови кон Скопје

Пишува: Коста Филипов, Труд

Бугарските политичари никогаш не посакаа да научат дека кога станува збор за Северна Македонија, задолжително мора да внимаваат што зборуваат и предлагаат. Дури и кога тоа го прават добронамерно и искрено. Затоа што како одговор може да добијат реакција која ќе ги огорчи до тој степен што нема да можат да го видат вистинското лице на нивните партнери од другата страна на границата, лице што тие внимателно го кријат.

Можеби ова ви изгледа контрадикторно, но во последно време имаме многу примери кои можат да го објаснат. Во Скопје се подготвуваат да ја почнат процедурата за измена на Уставот со впишување на Бугарите во него и тоа очигледно станува нова тема за остар внатрешно-политички судир. Не дека досега не била. Напротив. Уште кога овој услов беше прифатен од парламентот како дел од преговарачката рамка за членство на Северна Македонија во ЕУ минатото лето, опозициската ВМРО-ДПМНЕ изјави дека тоа нема да се случи. Се сеќаваме – лидерот Христијан Мицковски дури се пофали дека сите 46 пратеници од неговата пратеничка група ги однел на нотар, за секој од нив да потпише лична декларација дека нема да гласа за таква промена. Дали тоа беше пропаганден потег, измислица или навистина се случило, но така или инаку кога станува збор за промена на уставот, секогаш се добива одговор дека нема да има поддршка.

А без гласовите на опозицијата, или барем на неколку од нив, не може да се обезбеди парламентарно мнозинство од две третини од вкупно 120 пратеници. Згора на тоа, токму во последните денови, во недела, на Цветници, Мицковски јасно стави до знаење дека нема да има промена на Уставот на Северна Македонија во овој парламентарен состав. Оваа закана повторно се вклопува во политиката на уценување што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја води кон владејачките социјалдемократи на премиерот Димитар Ковачевски со барањето за одржување на предвремени парламентарни избори на кои ВМРО-ДПМНЕ очекува победа. Но, заканата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека овој состав на собранието нема да изврши уставни промени сосема природно го наметнува прашањето – ако сега Мицковски не сака да ги поддржи промените во основниот закон, кога е во опозиција, како би го направил тоа кога евентуално ќе победи на изборите, ќе формира парламентарно мнозинство и ќе состави влада?

До овие денови, прашањето за уставните измени се чинеше дека некако беше оттргнато од чисто практични дејствија, а споровите околу него беа прилично теоретски и во доменот на хипотезите. Меѓутоа сега, работите се околу тоа процесот навистина да биде материјализиран со конкретни дејствија, што во крајна линија ќе доведе дотаму што Бугарите во Северна Македонија како државотворен народ да бидат внесени во Уставот. Завчера, понеделник, 10 април, истече рокот во кој требаше да се формира специјалната експертска комисија која треба да го формулира предлогот за промена на уставот што треба да се најде пред пратениците. Во составот на оваа работна група требаше да бидат вклучени претставници на парламентарните партии, на претседателот Пендаровски и на научната заедница. Пендаровски веќе го испрати својот правен советник – професор Александар Спасов, експертите предложија двајца членови, троjца дојдоа од партиите, некои од партиите одбија да го сторат тоа. Погодете кои. Се разбира, ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, која до неодамна беше во владејачката коалиција, но ја напушти, Левица и Демократскиот сојуз. Лидерот на ДС Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи, кој е единствен пратеник од неговата партија, го оправда своето одбивање со тоа што Бугарија мора првин врз основа на реципроцитетот, да направи измени во својот основен закон и во него како малцинство да ги внесе Македонците кои живеат на територијата на нашата држава. И дури тогаш… кога и да е тоа.

Друго сосема логично прашање е зошто е потребно да се формира таква посебна и специјална работна група надвор од комисиите на парламентот, кои би можеле со истата компетентност да го подготват предлогот за текст за промена на Уставот, како што обично се прави. Не сум сигурен дали во 1999 година, кога бошњаците во Северна Македонија беа запишани во Уставот со соодветниот амандман, процедурата беше слична на оваа со Бугарите. Тие беа испуштени во првата верзија на основниот закон, донесен во 1991 година, по референдумот за независноста на Република Македонија на 8 септември. Тогаш претседателот Борис Трајковски ја предложи споменатата промена по барање на еден од ротирачките претседатели на Претседателството на Босна и Херцеговина, кој го посети во Скопје. И немаше никаква драма за тоа, напротив, сѐ помина нормално и мирно и беше прифатено како легитимен чин на почит и неопходност.

Можеби поради вонинституционалниот карактер на оваа работна група и нејзината тематика, бугарскиот технички министер за надворешни работи, Николај Милков, си дозволи да предложи нашата земја да биде вклучена и консултирана во процесот на впишувањето на Бугарите во Уставот. Така барем беше претставена идејата на Милков во Скопје. Можеби за предлогот одиграле улога и критиките што бугарската дипломатија ги упати поради тоа што на никаков начин не учествува во подготовката на Преспанскиот договор меѓу Грција и Република Македонија.

Не се сомневам дека кога ја искажал својата идеја Милков бил добронамерен и непровокативен со искрена намера Софија да помогне. Сепак, станува збор за формулата според која Бугарите во Северна Македонија, од кои повеќето се и бугарски државјани, ќе бидат запишани во Уставот на соседната држава, а и каде точно во неговиот текст. Бидејќи пред само неколку дена клубовите на нивните здруженија беа избришани и формално веќе не постојат како претставник на нивните интереси, кој друг, ако не бугарската држава, треба да ги заштити? Зарем не е подобро, од чисто практична гледна точка тоа да се случи сега, кога се подготвуваат работите, а не откако целата процедура ќе заврши? Да, знам дека за многумина од политичарите, а и од општеството крај Вардарот впишувањето на Бугарите во Уставот се прифаќа само како обврска поврзана со стартот на преговорите за членство во ЕУ, а не како цивилизациски потег и осознаена неопходност. Да, знам дека има доволно внатрешен отпор против тоа врз основа на идеологизирана и со години акумулирана омраза, која сега тешко се надминува. Знам дека несогласувањето доаѓа и од набрзина создадената претстава дека барањето Бугарите да влезат рамноправно со другите делови од народите во основниот закон е наметнато однадвор, од ЕУ, будејќи ги на тој начин старите рефлекси против времињата кога секоја одлука за судбината на Македонија била дело на митските „Големи сили“.

Но, ако нешто остава впечаток од реакцијата по тој повод во Скопје, тоа се зборовите на претседателот Стево Пендаровски. „Барањето на Софија е скандалозно“, рече тој. „Такви барања не упатуваат ниту окупаторите кон земјите, териториите или државите кои ги окупираат“, продолжи тој. И заклучил дека „…во XXI век, мешањето во внатрешните политички и уставни правни процеси на која било држава е апсурдно“.

За некакви окупатори ли слушнав?

Слични Објави