Радост во медиумите, за “братската” љубов на СПЦ …
Facebook статус на Никица Корубин
МПЦ-ОА се врати во канонско единство со СПЦ. Така вели соопштението од соборот на СПЦ. Како бонус, вратена е автономијата од 1959. Автономија во состав на СПЦ. “Мајката црква” како што милуваат да ја нарекуваат кај нас. И тоа е направено, наводно, на барање на самата МПЦ-ОА. Ниту збор за одлуката на Вселенската Патријаршија. Вселенската Патријаршија не се ни споменува во самото соопштение. Наеднаш на “Мајката црква” и сопствениот легитимитет не и е битен, бидејќи деновиве ги слави 100-те години, од томосот издаден на Кралството, од истата Вселенска патријаршија, со која и нашата територија влегува под нивна јурисдикција. Веројатно во чест, на тој јубилеј е и денешната “автономија” и “канонското единство”.
Туку, во чекање на реакција на МПЦ-ОА, на власта и на нашата партократија, на сите загрижени бранители на идентитетот, да не заборавиме дека и покрај секуларниот карактер на државата, МПЦ е дел од правниот поредок на Северна Македонија. Како, тогаш точно да го сметаме ова “канонско единство”, да не кажам упад во независноста на државата, преку црквата, толку често употребувана алатка: како чин на помирување или чин на агресија?
Но, не се грижете, СПЦ нема да се води од “политиката” туку од канонскиот поредок. Дури ќе дозволи и “избор на името”, бидејќи името може за внатрешна употреба, ама територијата никако. Затоа и носи чисто “канонска” одлука, без споменување на сопствениот канонски легитимитет: одлуката на Вселенската Патријаршија.
И затоа “зачудува” радоста низ медиумите кои ја слават оваа вест, значително и очигледно повеќе и од одлуката на Вселенската Патријаршија. Ама, што е битна автокефалноста, кога имаме автономија, при СПЦ. “Македонска” за домашна употреба. Предавство? Никако, ова е само одлична илустрација што се подразбира под терминот “идентитет”. Има еден посебен “идентитет” на кој му е дозволено се’. И тој не е само црковен, црквата е само показна вежба. За вистинскиот однос кон нас.

