Даце „Халкидики“ како слика и прилика на македонската политика
Пишува: Маузер
Минатава недела во бугарските медиуми и во „бугарашките новини“ во Македонија беше актуален Драган Ѓуровски, од милост наречен Даце Халкидики од УМС на ДПМНЕ. Младото русокосо момче беше дел од ораторски настан на младинците на „ВМРО“ – ДПМНЕ каде што одржа огнен говор за Александар, Филип, Гоце, како тоа не смееме да ја предадеме историјата на „татарските фашисти“ и општо говор на омраза кон Бугарите и Бугарија.Самиот Даце не е толку голем проблем, еден токсичен лик повеќе или помалку на нашата сцена нема да смени многу, но Даце Халкидики е прекрасен пример за како функционира македонската политика.
Момчето е талентиран говорник и неговиот говор, иако полн со глупости, беше еден од ретките што имаа одличен редослед и некаква, макар и погрешна, поента. Исто така мора да признаам дека беше единствениот од сите што настапија на тој настан кој може да го задржи вниманието на гледачот. Дефинитивно момчето има потенцијал за политичар. Останатите беа мачење да ги слуша човек, а говорите им беа кој од кој потапи. Единственото што ми избоде очи е неговиот феминизиран говор кој оддава мешани сигнали околу неговата сексуална определба. Ама ајде нема да е прв пат ДПМНЕ да исфрли кадар за кој се шушка дека преферира припадници на својот пол. Како за една демо-христијанска партија од таму излегоа муабети за премногу главни ликови почнувајќи од Груевски, Милошоски, Илија Димовски, Виктор Мизо,па до Миле Јанакиевски итн.
Нејсе, освен зборовите изречени во неговиот говор во низата од лоши работи треба да се истакне и тоа што Драган и нанесе штета на својата држава. Во моменти кога Македонија се соочува со вето од Бугарија поради говор на омраза и непријателска реторика, Драган им даде пенал на источните соседи. Што е уште потрагично, тајмингот не може да биде полош бидејќи во последните неколку денови неколку високорангирани европски политичари настапија во одбрана или со разбирање на позицијата на Софија. Во обид да се промовира себе си, Драган и направи штета на Македонија. Колку само типично за кадрите на ДПМНЕ.
И токму таквиот пример што го даде е можеби најлошото нешто во целата оваа ситуација. Каков пример даде Драган за сите млади кои имаат амбиција да се занимаваат со политика? Дека можеш да направиш име и да се пробиеш само ако држиш еден невоспитан говор во манирот на Апасиев ( за чие канцерогено делување, исто може да се напише колумна ) без разлика на тоа колку и каква штета може да направи врз твојата држава и нејзиниот углед. Неговиот говор не доби никаква критика тука. Никој не излезе да го осуди, а од неговата партија има молк како никогаш да не се случило такво нешто. Од малкуте објави поврзани со оваа случка во македонските медиуми, дури се изразува поддршка како ништо лошо да не направил. Па уште и Бугарите се криви што се навредиле од „фактите“. Единствено излезе МНР со некаква си нејасна осуда на говори на омраза кон сите држави и етнички групи. Што се однесува до македонските медиуми говорот не се случи, а за јавноста момчето не направи ништо лошо само ја кажа „вистината“.
Тука доаѓаме до уште една многу важна работа, а тоа е фактот што Драган само ја потврди тезата во Бугарија дека ветото е неопходност и дека Бугарија има поинаков третман од останатите. Не, говорот на Драган не е одогвор на бугарските напади или провокации. Таквата реторика се користи многу одамна во контекст на Бугарија и секој кој е малку реален знае дека тоа е така.
Грција 28 години ја блокираше Македонија и спремаше поделба со Милошевиќ. Грција проба да ја изгладне со ембарго, сакаше во целост да го одземе правото на Македонците да се наречат Македонци или да ја користат придавката македонски во било каков контекст со себе, изврши геноцид врз словенското население, но во говор на ниту една партија никогаш немаше расистички испади и инсинуации дека Гркинките се проститутки. Србија со децении се изживуваше тука, испоуби илјадници луѓе, ги смени имињата на сите, црквите ги оскрнавија и забранија секаква употреба на терминот Македонија и било какви спомени на нашите херои, па кон нив нема ниту еден лош збор упатен, ниту пак на некого му е на крај памет да каже дека „периодот меѓу двете светски војни“ всушност беше окупација со елементи на геноцид.
Пред некој ден познатиот српски актер Милош Биковиќ во интервју за Бекстејџ кажа дека всушност дедо му бил Биковски и дека потекнуваат од Берово. Потоа непрашан за ништо почна да објаснува како Тито ги натерал сите Македонци што се сметале за Срби како што се семтал дедо му да одат во Србија и да додадат иќ на името. Додека Милош го објаснуваше тоа, водителката симпатично се насмевнуваше и кажуваше како Берово имало прекрасна природа и дека треба да го посети. Се прашувам само каква ли ќе беше реакцијата ако бугарски актер кажеше имам потекло од Македонија, но Тито ги избрка сите што се сметаа за Бугари? Веројатно ќе следеа наслови во кои се објаснува како бил насилно асимилиран или со испран мозок и одроден Македонец. Тука многу Срби го искористија излегувањето на Биковиќ и гордо го претставија како пример за автохтон Србин од Македонија и никому ништо. Србите се кул, другари сме со нив. Јас сум на мнение дека треба да бидеме пријатели со сите, но двојните аршини со тоа како третираме „србомански испади/излагања“, а истите кога ќе ги направи Бугарин ги нарекуваме фашистички многу лесно паѓаат во очи.
Понатаму дали треба да се потсетуваме на протестите на сега владејачката СДСМ каде што се скандираше „Бугари, Бугари“ како навреда кон властите од ДПМНЕ? Факт е дека во македонското општество изобилува со злобни коментари кон Бугарите и во секојдневен разговор. Сум пораснал со нив, доволно долго сум на планетава и доволно пати сум седел на маси каде што се зборувало за Бугарија и Бугарите за кои многу пред ветото се коментира со пцости и работи кои во поново време би можеле да се опишат како расистички гадости.
Факт е дека ветото и политиката на Бугарија додадно го надразнија македонското општество. Тоа е реалност, но исто така е факт дека реториката на Драган „Даце“ Халкидики не е нешто ново. Во македонската јавност постојат многу примери на говор на омраза и анти-бугарска реторика и тоа не е од вчера. Бугарија во моментов има сила и потегнува потези против тоа и нема да дозволи нашата држава да влезе во ЕУ, пред нашето општество да се исчисти од таквите појави. Не во форма на цензура, туку преку општа осуда кон таквата реторика.Тоа и за нас самите би било најдобро, сами да расчистиме со тие митови и лаги од минатото што генерираат само конфликти, омраза и стојат на патот на подобрата иднина на Македонија.
