ДАЛИ И ВЕЛЕШАНЕЦОТ СО КЕБАПИТЕ ИЗБЕГА ВО БУДИМПЕШТА?

Истакнато Краток спој Позиција

Одговорот на ова прашање е многу едноставен и гласи НЕ, затоа што осуденикот Петре Караманов нема ни позиција ни пари за да може да си го дозволи овој луксуз.

Откако виде дека неговиот минат труд не е доволен за да добие амнестија, по теркот на онаа што ја добија Крсто и неговите другари, Петре одлучи да се „амнестира“ сам. Можеби му дојде преку глава статусот на медиумска ѕвезда, којашто е спомнувана за да се прикаже сликовито нивото на македонското судство, или пак едноставно му се пружила шанса и му ја „дувнал“, како добро „изучен од школото на улицата криминалец“.

Да, Петре Караманов е криминалец и фактот дека треба да ја истрпи својата казна за сторените кривични дела (кражби), никој не смее да го порекнува. Петре е малиот човек врз кого строгоста на законот може да се истури со сета своја сила. Петре нема власт и неговиот глас е важен само за време на избори. Гласал или не, неговиот глас ќе замине на контото на некоја од големите партии. Петре не се вика ни Никола, ни Крсто за да стане причина за турболенции во сферата на безбедноста или пак судските практики. Петре е црвчето што го дававме како пример за неправедноста на нашата правда, а сега и тоа црвче ни избега.

Сограѓанинот на Петре, Горанчо Ангелов осуден за настаните на 27 април (т.нар Крвав четврток) по изрекувањето на судската пресуда изјави дека не бара куќен притвор бидејќи немал пари да си појде до Велес. Истата судбина ја дели и господарот на кебапите, со таа разлика што тој нема пари да избега подалеку од Велес. Парите драги мои, се наоѓат во џебовите на оние со кои откако ќе се поздравите, со денови не миете раце, парите се кај оние што ви раскажуваат шарени лаги за патриотизам и живот за сите. Парите се кај нив, а ликовите како Горанчо (со јуначкиот надимак Ќосето) и Петре се користат за гориво на евтиниот народен сеир. Додека има со што да играте сеир, големите батки се безбедни.

Ќе облечеме и жолти елеци, ама знаме ќе ни биде правдата за Петре и Горанчо… нема ни да се сетиме дека правдата, треба да ги стигне големите риби. Истите тие, што имаат пари и моќ за да избегаат и подалеку од Будимпешта.

Автор: Атанас Величков-Батко Тане