Дали ВМРО-ДПМНЕ очекуваше победа во првиот круг на претседателските избори?
Facebook статус на Никица Корубин
Зошто, меѓу другото, беше потребно спојувањето на двата некомпатибилни циклуси на избори – претседателски и парламентарни – се гледа деновиве. Владата само што не се составила, се делат ресори, единствено прашање е дали ќе биде близу до 60 или до 80 пратеници – а, изборите уште неодржани.
Вакво флагрантно суспендирање на демократскиот процес, се чини како кулминација, но не на она што се исчекува како формалност (парламентарните и вториот круг на претседателските), туку она што се очекувало да се случи во првиот круг на претседателските избори.
Дрското и неодговорно поттикнување на (квази) националистичка реторика, каде што нашите “патриоти” експресно се вратија на албанофобијата, додека бугарофобијата паузира, во која “спротивставените” страни си ја поддаваат топката во натпреварот во кој не (смее да) се знае кој е противникот, со свесна и несвесна помош на албанскиот блок; како да кажува дека исходот во првиот круг на претседателските избори е изненадувачки.
Но, не според малата излезност и големата разлика, туку според квантумот на “распределени” гласови. Разликата е толку голема, дури и огромна, за да отсуствува огромното славје. Наместо тоа – страв. Страв од бојкот. Како прва вест на “независните” медиуми и портали, ден после првиот круг.
Ама, зошто таква аверзија на ВМРО-ДПМНЕ кон терминот “бојкот”? Кон своето политикантско и пропагандно “чедо”, кое така убаво креирано, се употреби “каде што се стигна”? И, чуму страв, кога нели “бранот на незадоволство”, само ќе се зголемува и ќе се прелее и на парламентарните избори, кои да не заборавиме уште и не започнале.
Што наведува на помислата дека “земјотресот” што се случил во првиот круг, со зборовите на победничката кандидатка, не бил со доволна магнитуда. Оваа магнитуда, направи штета, но не сруши ништо. А, дали всушност требаше да сруши, метафорички кажано, нешто?
Земјотресот, употребен во политички жаргон, е всушност природна блиц-криг ситуација. Не знаеш кога да го очекуваш и каква штета ќе направи. Доаѓа ненајавено, додека вниманието и секојдневието, е на сосема друга фреквенција.
На пример, слушаш со недели, како вовед во претседателски избори, за потребата од “61 пратеник”, а пратеници нема, туку кандидати за претседател. Читаш катадневно за партиски рејтинзи, “професионално и обејктивно”, се разбира, а партии нема, туку “независни кандидати”. Човек да помисли дека е во некое магионичарско шоу, во кое главна поента е трикот потсвесно да ти го одвлече вниманието од целта.
Не, дека нема примери за блиц-криг “трикови”, глобално и регионално (посакуваниот блиц-криг напад на Русија над Украина, на почетокот на војната или на српските пара-структури на Бањска во Косово), па зошто да не бидеме и ние со “светскиот тренд”? Само, што “трендов”, некако антидемократски, антицивилизациски, автократски и хегемонистички. Скоро, па никаква сличност со нас.
Звучи “шашаво” желбата на ВМРО-ДПМНЕ, нејзината кандидатка, да победела во првиот круг? Круг во кој процентот на излезност не е одлучувачки, и во која математички и статистички, малата излезност всушност значи големо процентуално качување во однос на апсолутната бројка на освоени гласови. Со други зборови и со релативно помал број на гласови, може да се достигне 51%. А, знаеме колку кај нив е популарна математиката и статистиката.
Што, по автоматизам не носи, кон освоената бројка на кандидатот на СДСМ и до “магичната” проценка на неговите бројки, кои иако се чинат мали, дали всушност се неочекувано големи? Имајќи ги предвид сите “неофицијални и неформални” информации за сите замисливи и незамисливи непотврдени средби, неприродни коалации и замислени реализации.
Па, како и во магионичарските трикови, зависно од која перспектива ги гледаш работите, бројките може да се третираат како мали поради секаков вид на “внатре и надвор партиски помагања”, но и како големи со оглед на сите непредвидливи и непредвидени гласови. Ах, тие неопределени и независни.
А, и така ништо не е доволно “шашаво” во ваква “шашава и инструирана” реалност. Тука, само нормалноста може да помогне. Која разбирливо во свесно индоктринирано милје, не смее да има призвук на рационалност. А, единствено рационално е да “се отворат картите” и секој учесник на изборите да каже отворено за што всушност се залага. За на да не мора да глумат, патриоти или европејци. Ама, така не ги учел менторот. Кој деновиве достигнува нови нивоа на глобална бламажа.
Па, затоа можеби е само трик дека изборите не се одржале. Реториката на нашите партиско/партократски/клановски структури вели дека тие веќе поминале. Каков фрапантен (анти)демократски изблик и самодоверба.
Уште точниот резултат да го кажат, па да ја чекаме велигденската порака, таман пред “про-форма” изборите, која погодувате, ќе биде испратена до сите подеднакво. За да може “македонското национално единство” да се зајакне. Ќе им биде ептен потребно во регионалните “нон-пејпер” фикции. Кога веќе толку се трудат Северна Македонија да ја оддалечат од ЕУ. Каква “шашава” перцепција, имаш држава, а не ја сваќаш. Или сакаш, сеедно.

