ИРАН ГИ АПСИ ОДГОВОРНИТЕ ЗА УРИВАЊЕТО НА УКРАИНСКИОТ АВИОН

Иран ќе ги казни сите што се одговорни за случајното соборување на украинскиот патнички авион, изјави денеска иранскиот претседател Хасан Рохани, додавајќи дека ќе биде спроведена темелна истрага за, како што рече, трагичниот настан.

Во меѓувреме, портпаролот на иранското правосудство, Голамхосин Есмаил, изјави дека некои лица веќе се уапсени за нивната улога во соборувањето на авионот, без да прецизира детали.

Рохани ја нарече несреќата со авионот непростлива грешка, велејќи дека не може само едно лице да биде одговорно за таква катастрофа, пренесе агенцијата „Ројтерс“.

„Признавањето на грешката од иранските вооружени сили е добар прв чекор. Треба да ги увериме луѓето дека тоа нема да се случи повторно“, кажа Рохани.

Тој додаде дека неговата влада има одговорност пред Иранците и другите нации, чии граѓани загинаа во падот на авионот.

Авионот „боинг 737“ на украинската компанија „Интернешнл ерлајнс“ беше соборен непосредно по неговото полетување од аеродромот во Техеран, при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот.

Извор: Макфакс