Дански европратеник: Сметам дека Северна Македонија добро знае дека мора да слуша што вели Бугарија, ако навистина сака да стане членка на ЕУ
Северна Македонија треба внимателно да ги слуша барањата и загриженоста на Бугарија доколку сака да напредува во процесот на пристапување кон Европската Унија. Ова во интервју за БНР го изјави данскиот европратеник од редовите на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите Нилс Фулсанг.
„Секако, ние имаме француски предлог кој ги отсликува загриженостите на Бугарија и тој има сериозна тежина. Мораме и понатаму да ја слушаме Бугарија, вклучително и кога станува збор за Северна Македонија. Последното нешто што сакаме е да создадеме опасни политички конфликти во нашата заедница. Затоа сметам дека Северна Македонија добро знае дека мора да слуша што вели Бугарија ако навистина сака да стане членка на ЕУ“, изјави данскиот европратеник.
Фулсанг додаде дека преговорите со Скопје нема да бидат завршени за време на претседателството на Кралството Данска и дека процесот ќе биде предаден на следното претседателство – Кипар.

