Деца од Босилеград зедоа учество на „Банско филм фест“
Десет деца од Босилеград, организирани преку здружението „ГЛАС“, учествуваа на годинешното издание на „Банско филм фест“, каде поминаа два дена исполнети со едукативни активности, филмски проекции и практични задачи поврзани со планинарството и природата, јавува БТА.
Учениците беа дел од детската и младинска програма BanskofilmfestKIDS, во рамките на која повеќе од 400 деца учат за безбедно движење во планина преку часови, натпревари, качување по вештачки ѕид и истражување пештери. Спортското качување, изведено со поддршка на професионални инструктори, остави силен впечаток кај младите учесници.
Босилеградските деца имаа можност да погледнат селектирани филмови и да слушнат инспиративни приказни за експедиции во Патагонија, Хималаите, Алјаска, Антарктикот и други далечни предели, откривајќи ја врската меѓу спортот, науката и одговорното однесување кон природата.
Ова, 24. издание на фестивалот, понуди 80 филмски премиери од 43 земји, натпреварувачка програма во 9 категории, презентации на алпинисти, работилници, изложби и натпревари, а настаните ги посетија околу 3000 гледачи. Специјални гости беа реномирани алпинисти и авантуристи од Италија, Австрија и Полска.
