| |

ДЕНЕШЕН ТВ ДНЕВНИК 20.02.2020

Доколку беше задолжителна вакцината за грип, загрижениот министер ќе прогласеше епидемија уште во декември и ќе траеше до јуни, пропратено со фотографии од цунами и пожарите во Австралија на пример, моментално бројот на заболени и жртви нема значење…

Еден друг министер станал илузионист подобар дури и од Бранко… како од шала од тон и кусурот кока, направил едно кило, а за брзо го очекуваме и второто чудо да обезбеди патни исправи за граѓаните и да ги докаже своите видовити способности…

Третата е врвен стручњак во својата област, па се задолжува со 500 милиони за да врати долг од 400 и нешто (за наша среќа по поволна каматна стапка)… За 3-4 години треба да се вратат нешто повеќе од милијарда и пол, а ништо страшно не е ни вкупниот долг од 6 милијарди.


Не толку звучна е веста за добивањето на „Нобеловата” награда за мир на широко насмеаните премиери, можеби затоа што оваа е „Нобелова“ за сиромашни е иста како моето ферари…

Споредна тема се уцените и изнудите на адвокат, брат на судика, стрина на комшиката на јавниот обвинител, кои ќе му судат на специјалниот јавен обвинител, кој пак исто така изнудувал преку влијателна естрадна личност, кој му бил близок пријател на братучетката на певалката во кабарето, каде што се одвивале средбите со уценетиот и чесен бизнисмен, кој без проблем плаќал милионски суми и сѐ така фино не се знае кој кого го … а ние добиваме пофалби од странците за нашиот правосуден систем и законот за ЈО и заслужено ќе го очекуваме датумот за преговори.

За крај од еден спокоен, милозвучен свештенички глас слушнавме краток и брз, но сепак патриотски говор за македонскиот јазик и македонскиот народ, се разбира не пропуштајќи да се нагласи Република Северна Македонија…

Временската прогноза не ја ни дочекав, таа зависи од предизборните ветувања иако ги научивме напамет заедно со ХЦ Чебрен, повторувани од двете страни по едно дваесетина пати…

Автор: Благојче Трајковски, претседател на ГДУ-Битола



Слични Објави