| |

Денот потоа – немирот од независноста

Никица Корубин

Нема поголемо достигнување, во современа политичко-правна констелација, за една држава од нејзината независност. Таа политичка и правна независност, всушност ги определува и заштитува сите останати параметри – историја, култура, цивилизација, економија, колективниот и личниот живот на нејзините граѓани. Идентитетот и општеството. И токму таа привилегија, заедно со привилегијата да се биде демократска држава со парламентарно уставно уредување, секогаш и без исклучок е причина за славење, почит и свесност.

Речиси се’, што вчера на денот на независноста, а и во деновите што претходеа, беше изложено на обид за брутално исмевање, дезавуирање и преиспитување. На самата независност како таква, на нашата единствена држава. (Не)намерно не правејќи разлика помеѓу самата држава и нејзината институционалност со оние кои ја управуваат и управувале истата.

Водејќи не’ одново во истата замка, замаскирана во флагрантната дисторзија – само затоа што “нешто” (државата) е злоупотребена на различни начини, не значи дека тоа “нешто” (државата) само по себе е проблематично. Не значи дека државата “не требала воопшто да постои”, затоа што е изложена на децениско “заробување на системот”, “заробената држава” на Прибе.

Велат дека е крајно тешко, речиси невозможно да се замисли “што можело да се случи, а не се случило”. И токму тоа е всушност лајтмотивот на нашата независност во 1991 година. Ниту едно сеќавање не може да биде вистинско и легитимно, ако се презентира надвор од историскиот контекст во таа 1991 година. А, токму тоа го прави секоја пропаганда и за овој и за било кој друг историски настан. Ги “вади” случувањата “надвор од контекстот” и “ги суди” постапувањата на луѓето со денешните (наметнати) параметри.

Двојна цензура – и на историјата и на сегашноста. Каква што “цензура” и “вечно шминкање” на фактите гледаме низ годините, до ден денес, за првиот претседател Киро Глигоров, за кој без дилема се врзува, не самата желба за независност која е несомнено широко граѓанска, туку практичната реализација на истата во историскиот контекст на 1991 година. Контекст на страшни злосторства кои следат, војна и геноцид, се’ “што можело да се случи, а не се случило” кај нас.

И ако не е доволно шокантно, тоа што некогашниот министер за одбрана Трајан Гоцевски, токму во тие први години на независност – дури сега после 35 години “се охрабрува” да говори за нешта кои “што можеле да се случат, а не се случиле” кај нас и директно ја определиле и судбината на постоењето на државата и текот на настаните; веројатно ќе биде еднакво шокантно дека се’ уште постојат “необјавени интервјуа” со Киро Глигоров кои и сега се објавуваат пред крајно ограничен аудиториум, како единствена можна опција.

Па, нели и во крајната деценија на минатиот век и во првата деценија на овој век имавме демократска држава и парламентарна демократија? Чуму тогаш потреба и форма на “цензура”? Кој е тој што ја “наметнува” и кој е тој што ја “одржува”, идејата за “подобни” и “неподобни” теми? Држејќи не’ сите нас во информативен и историски мрак, за настани за кои многумина сведочеле со “сопствени очи”. И со информации кои биле толку внимателно чувани од сите нас, со истото внимание со кое истовремено се градеше наративот за “државата која не ја бива” и за “граѓаните кои немаат свест за неа”.

Па, кога Киро Глигоров за 1991 година, парафразирано, говори како за конечно остварување на желбата за независност “после 130 години”, а за случувањата до 1944 година и се’ она што претходи на АСНОМ говори и за “борбата против четниците на Дража Михајловиќ”; сеќавајќи се притоа на Павел Шатев како на “Македонец до коска” – зарем тоа не буди “интелектуална радозналост” за вистинската историска улога на Киро Глигоров и до 1944 и до 1991 и после независноста?

И зарем тоа не го отвора прашањето – кој е всушност “гревот” на Киро Глигоров, каде гледајќи ги сегментите во последниот документарен филм за него “Македонија е се’ што имаме” може секој во истата “строго уметничка” критика на самиот филм, реторички да се запраша или да констатира дека Киро Глигоров всушност бил повеќе следбеник на историското ВМРО, наспроти “наменското ВМРО”, иако цело време бил комунист, кој бил изложен дури и како комунист во СФРЈ на обид за “политичка елиминација” од страна на Александар Ранковиќ, поради “компромитирачки материјали”, како што кажува хрватскиот историчар Бариќ, во анализата на објавените документи од тајните служби, кои веќе се предмет на историска опсервација во Хрватска.

И токму преку неговата судбина и животен пат, конечно да се избрише “маглата” за строгата одвоеност на “комунистичката” и “вмровската” идеологија, кога била Македонија во прашање. И особено “врамувањето” на луѓето во “комунисти”, како безбедна форма за дискредитација – слично како и уште еден крајно “маргинализиран” и клучен лик Крсте Црвенковски. Или обратно, врамувањето на луѓето како “вмровци” за дискредитирање на историска идеја на ВМРО. Чии идеи и на “едните” и на “другите” всушност се реализираат во 1991 година, врз темелите на “основата која единствено била можна, согласно историскиот контекст” во 1944 година.

Сегашноста е резултат на минатото, на историјата, која пак е базирана на факти. А, фактите се одраз на вистинската динамика, размислувања и чувства во реалноста. И тие емоции не се менуваат со ниту една пропаганда. И тие емоции може да се најдат под различни имиња и да се залепат различни етикети, како етикетите кои со години се лепат на Киро Глигоров – иако, тој со извршениот атентат врз него, а всушност врз самата држава и сите нас; е единствена реална жртва на атентат кој требало да предизвикаат настани “што можеле да се случат, а не се случиле” – наспроти сите наводни “жртви кои сме ги дале (името, знамето); тие емоции, тој “идентитет” ја оствари и има право и обврска да ја слави својата независност.

Да ја славиме и да се сеќаваме на денот на независноста на државата. Затоа што токму “културата на сеќавање” е темелот на историскиот континуитет, и на самата суштина на цивилизацијата. И затоа треба да ја почитуваме секоја вистина, макар и задоцнета, пред тесен или пред широк аудиториум, затоа што патот до вистината во “заробената држава” е вистинската жртва која ја трпи секој од нас, како граѓани на држава чија независност сме ја сакале, сме ја издејствувале и имаме обврска да ја одржуваме и негуваме.

Не само во име на се’ што се случувало некогаш, туку на се’ што се случува и сега, во регионот, во Европа и во светот. Каде не секој, ја има привилегијата да ламентира за личниот (наследен) немир од (не)зависноста. И да ја проектира како единствено подобен наратив.



Слични Објави