Димитров и Коѕијас на состанок со Нимиц во Виена
Министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Виена ќе ги продолжат преговорите за решавање на спорот со името меѓу Македонија и Грција, под посредништво на медијаторот Метју Нимиц.
Синоќа, како што беше најавено од министерството за надворешни работи, двајцата министри се сретнале во Виена, а денеска ќе имаат заедничка средба со медијаторот Нимиц.
Премиерот Зоран Заев уште минатата недела ја најави новата рунда преговори, кои ќе бидат поинтензивни.
Преговорите меѓу Македонија и Грција беа обновени на 12 декември минатата година во Брисел, кога со медиајторот Нимиц се сретнаа преговарачите Васко Наумовски и Адемантиос Василакис. На последната рунда разговори за името што се одржа на 17 јануари во Њујорк медијаторот Нимиц излезе со сет сугестии и предлози и оцени дека на повидок е решение на долгогодишниот спор меѓу Грција и Македонија.
Медијаторот кон крајот на минатиот месец ги посети Атина, а потоа и Скопје, каде имаше одвоени средби со грчкиот и македонскиот државно-политички врв.