| |

ДИМИТРОВ: ПОДГОТВЕНИ СМЕ ДА БИДЕМЕ ДЕЛ ОД НАПРЕДОКОТ СЕКОГАШ КОГА НАПРЕДОК Е МОЖЕН

Денес, МНР Димитров оствари средба со новиот Генерален секретар на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу. На средбата Министерот изнесе задоволство од визијата и планот за понатамошни активности, како во однос на нејзините приоритети и идните активности на регионален план, така и во насока на заеднички напредок на Регионот: „Ни претстои уште една важна година како регион. Силно сме посветени на заедничката работа која ќе вроди регионални придобивки. Подготвени сме да бидеме дел од напредокот секогаш кога напредок е можен.”

МНР Димитров истакна дека придобивките за граѓаните од Самитот на Берлинскиот Процес во Познан (јули 2019-та) се отсликуваат во сферата на дигитализацијата, мобилноста на младите и подобрување на инвестициските услови. Заложбата на секоја од земјите од регионот, во исполнување на обврските ќе се рефлектира на квалитетот на животот на граѓаните, а тоа е основната цел на сите напори.

Покрај упатените честитки на ГС Брегу за нејзината нова функција и успех во нејзините напори за зајакнување на регионалната соработка и поддршка во активностите на патот кон Европската Унија, средбата беше искористена и за претставување на нејзините идни активности.

Во разговорот позитивно беа оценети активностите и придобивките од соработката во рамките на Советот за регионална соработка, како и развојот на соработката во рамките и на други регионални и мултилатерални организации.



Слични Објави