Дипломатскиот институт во Софија одржа семинар за новопристигнати дипломати од 18 држави, меѓу кои и од Северна Македонија
Дипломати од 18 држави, меѓу кои и од Северна Македонија, учествуваа во првиот модул од шестото издание на воведниот семинар за новопристигнати странски дипломати во Бугарија. Семинарот се одржа во бугарското Министерство за надворешни работи, соопшти Дипломатскиот институт на Бугарија на својата фејсбук-страница.
Настанот го отворија директорката на Институтот, Тања Михајлова, и заменик-министерката за надворешни работи, Иванка Ташева. Тие ги поздравија дипломатите што го започнале својот мандат во Бугарија во текот на последната година и ја истакнаа клучната улога на личниот контакт во дипломатијата.
Ташева ги претстави актуелните приоритети на бугарската надворешна политика, меѓу кои регионалната поврзаност, мирот и безбедноста, економската дипломатија и поддршката за мултилатерализмот.
Првиот модул беше посветен на историјата на современата бугарска држава и на нејзината надворешна политика, со акцент на поврзаноста и безбедноста на Балканот и во црноморскиот регион.
Предавачи беа доц. д-р Наум Кајчев од Историскиот факултет на Софискиот универзитет, амбасадорот Петко Дојков, генерален директор за билатерални односи во Министерството за надворешни работи, и амбасадорот Георги Панајотов, амбасадор за специјални задачи во Дирекцијата за безбедносна политика при Министерството.
„Основната цел на семинарот е на новопристигнатите странски дипломати во Софија да им даде сеопфатна претстава за современата бугарска држава и нејзините политики, создавајќи мрежа на работни контакти и соработка меѓу нив“, се наведува во објавата на Дипломатскиот институт.
На семинарот присуствуваа дипломати од Виетнам, Германија, Грузија, Грција, Индија, Индонезија, Казахстан, Камбоџа, Кина, Косово, Полска, Северна Македонија, Романија, САД, Финска, Франција, Хрватска и Јапонија.

Програмата заврши со предавање за бугарското винопроизводство, винските сорти и региони, кое го одржа Михаил Марковски, претседател на Асоцијацијата на сомелиери во Бугарија. Предавањето беше проследено со дегустација на избрани бугарски вина.
Следните модули ќе бидат посветени на економијата, инвестициите и туризмот, науката, технологиите, медиумите и граѓанското општество, како и на културата и традициите на Бугарија.

