До „таткото на нацијата“
Пишува: Тодор Вангелов
Господине, ‘татко на нацијата’, Стево Пендаровски, jа прочитав вашата изјава од пред два дена во која кажувате дека „барањето на Бугарија, Северна Македонија да ги запише Бугарите во Уставот, е мешање во внатрешните работи“ и се повикувате на некакво правило број еден во меѓународното право и меѓународната политика, кое важело за сите држави, а тоа е „нема мешање во внатрешните работи на државата.“
Најпрво би ви кажал дека во пракса такво нешто во светот не постои и вие тоа многу добро го знаете односно ви е кристално јасно. Секоја голема сила се меша во внатрешните работи на помалите држави. Но, тука не станува збор за мешање на некоја држава или сила од надвор во внатрешните работи на Северна Македонија. Тука Бугарите од секогаш постоеле и сѐ уште постојат. Имаме жива заедница на македонски Бугари во Северна Македонија. Самите македонски Бугари го покренаа тоа прашање да бидат впишани во уставот на Република Северна Македонија, а не некој од надвор. Ако дошло време премиерот или претседателот на Република Бугарија да ви воочат дека треба да преземете некакви чекори во врска со македонските Бугари односно да им го исполните нивното загарантирано право според уставот на Република Северна Македонија, а тоа е да бидат запишани во уставот како уставотворен народ, како и сите останати народности во Северна Македонија (не да се пишуваат во „и другите националности“), тоа покажува дека вие не сте татко на нацијата или барем не сте татко на дел од нацијата. Тоа покажува дека вие немате слух за вашите сонародници, немате љубов кон нив, немате почит кон нивната национална идентичност. Уште покажува дека мора некоја повисока инстанца која има слух и е загрижена, за разлика од вас, да ви ги пренесе барањата на македонските Бугари, односно барањата на вашите граѓани.
Според Уставот на Република (Северна) Македонија од 17 ноември 1991 година, (Северна) Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република (Северна) Македонија, а со цел: – Република (Северна) Македонија да се конституира како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава; – да се воспостави и изгради владеењето на правото како темелен систем на власта; – да се гарантираат човековите права, граѓанските слободи и националната рамноправност; – да се обезбеди мир и сожителство на македонскиот народ со националностите кои живеат во Република Македонија и – да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.
Во Член 8 од Уставот на Република (Северна) Македонија наведени се „темелните вредности на уставниот поредок на Република (Северна) Македонија“. Меѓу другите „темелни вредности“, како први „две темелни вредности“ (претпоставувам дека се и најважни) запишани се: – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот; – слободното изразување на националната припадност.
Понатаму во Член 9 од Уставот на Република (Северна) Македонија, пишува: „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување…“
Во Амандман VIII според Уставот на Република (Северна) Македонија, усвоен од Собранието на Република (Северна) Македонија на 16 ноември 2001 година, пишува: „Припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница. Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници. Припадниците на заедниците имаат право да основаат културни, уметнички, образовни институции, како и научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет. Припадниците на заедниците имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвива на друг јазик се изучува и македонскиот јазик.“
Амандман XII предвидува во Комитетот за односи меѓу заедниците да има по еден член од секоја заедница, освен Македонците и Албанците за кои е предвидено повеќе членови: „Собранието основа Комитет за односи меѓу заедниците. Комитетот го сочинуваат 19 члена од кои по седум члена од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци. Доколку некоја од заедниците нема пратеници, народниот правобранител, по консултации со релевантните претставници на тие заедници, ќе ги предложи другите членови на Комитетот.“
Тука би ве запрашал: зошто овој комитет за односи меѓу заедниците е ограничен на Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци? Дали пак во делот во кој се вели „доколку некоја од заедниците нема пратеници…“ може да се толкува дека и другите заедници, освен наведените, може да имаат свој член во комитетот за односи меѓу заедниците? Нели во Северна Македонија има и еврејска заедница? Ако е комитет за односи меѓу заедниците, правично би било да има член од секоја заедница, а не да се врши дискриминација и маргинализација.
Дискриминација значи ограничување на луѓето врз основа на нивните колективни идентитети (пол/род, класа, етнос) со што ги загрозува или оневозможува остварувањето или заштитата на нивните човекови права и слободи.
Зборот маргинализација доаѓа од латински марго или маргини, што значи „раб“ или „граница“. Од ова произлегува дека маргинализацијата е акт со кој некој или нешто се игнорира, става настрана или се исклучува од одредена ситуација.
Впрочем, господине претседателе на Република Северна Македонија, вие самиот во вашата изјава кажавте дека „…тие се моја грижа, зашто се мои, наши граѓани.“ Од погоре приложеното може да се заклучи дека македонските Бугари смеат, можат и треба да ги имаат истите права како и останатите заедници и народности во Република Северна Македонија. Ако македонските Бугари се ваша грижа и ваши граѓани и ако вие сте татко на нацијата, тогаш однесувајте се татковски со љубов и почит кон македонските Бугари. Не ги игнорирајте нивните барање, не им ги скратувајте нивните права.

