„Добриот Бугарин“ на жешкото столче

//

Пишува: Владимир Перев

Веќе сѐ е јасно. На еден или друг начин, Уставот на Северна Македонија ќе треба да се менува и бугарите од Северна да влезат во него како конститутивен народ, дел од бугарскиот народ. Заедно со бугарите, во уставот ќе влезат и хрватите и црногорците, веројатно и торбешите како етничка заедница, но сето тоа е малку важно. Влегувањето на бугарите ќе биде вистински, уставен и национален земјотрес. Крај на вкоренетите илузии на некои луѓе, како во Софија, така и во Скопје. Веќе тешко дека некој ќе може да ја пее србоманската песна, дека “овде сите сме македонци, бугари нема“, или пак познатата софиска песна дека “сите македонци се б’лгари“ и тоа треба да се повторува секојдневно. Да, “сите македонци се б’лгари“, ама само оние од Пиринско, за кои нема начин да влезат во бугарската конституција. Впрочем, тие на два пати јадеа ќотек од бугарската полиција (во организација на БКП), еднаш да се пишат дека се македонци, вториот пат, по 1950 година, да се “отпишат“. Тажна работа. Нашите предци овде само еднаш јаделе ќотек, за да прифатат дека се запишани како македонци. Немало многу спротиставување, затворот Идризово служел за пример и поука. Сепак, по седумдесет и нешто години, патот на Македонија кон ЕС е трасиран. Останува да се види темпото со кое ќе се врви по “трасата“…само да не биде темпото од градбата на нашите патишта или пругата кон Бугарија!

Ние македонците живееме во дистопична држава, орвеловско општество. Двете главни партии, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ се борат за превласт во земјата, битката е речи си пола-пола, но нејаснотиите на политичките опции остануваат. ВМРО ДПМНЕ е официјален наследник на ТМОРО/ВМОРО/ВМРО, организации секогаш блиски до идеалите на Големата Француска Револуција, до Западното општество, за сега да стане подопашник на ретроградните леви националшовинистички идеи, да биде организација/партија без минимален демократски капацитет. Напротив, СДСМ, наследникот на најмрачните болшевички/комунистички идеи на Октомвриската револуција, на сталинизмот и титовизмот, станува нешто како демократска опција во развојот на Македонија. Малата и гласна Левица, партија со големи амбиции и сталинистички мејнстрим во своето делување, станува блиска-партнер на ДПМНЕ, наместо да се сврти кон традиционалните болшевички вредности на СДСМ. Веројатно дека не може, тие позиции СДСМ одамна ги напуштил, а нејасно е како ДПМНЕ ги прифати во своето делување…чиста дистопија!

Тука е и прашањето со референдумот. Референдум стана најомразениот збор во Македонија, дури и кај оние кои се залагаат за него. Се извалкаа сите…и лидерите на партиите, па и председателот Пендаровски. Никој не знае какво ќе биде референдумското прашање, што ќе се решава и зошто тоа што ќе се решава на референдум, да не може да биде решено во Парламентот. Само се знае дека едните се “за“, другите се “против“, а Председателот е некаде по средина со крајно нејасна, биполарна позиција. Не, ова не е орвеловски, кај Орвел во “1984“ барем има неков ред, прописи и казни. Овде нема ништо, голо и празно!

Со влегувањето на бугарите во Уставот, во Македонија влегуваат нови проблеми. На секој начин, колку и да сме против, во парламентот, барем на едно столче (а може и повеќе), ќе има претставник на бугарскиот етникум од Македонија. Тогаш да ја видиме онаа битолчанката која треба да се бори против дискриминација, да учествува на демонстрации против европскиот пат на Македонија, заради тоа што така, бугарите ќе добиеле право на своја идентичност, олицетворена како пратеник/ци во парламентот. Тогаш да ја видиме да прави ревизија на Клубот “Ванчо Михајлов“, па да чека реизбор.

Интересно е кој ќе биде оној претставник на бугарската општност во Македонија, кој ќе седне “на жешкото столче“ во парламентот и од таму ќе ги брани позициите на, како што велат, 3504 граѓани со бугарско самосознание. Нека седне, па ќе видиме колкава ќе биде вистинската бројка. Националната самосвест доаѓа со позициите, со парите и со привилегиите. А мераклии има многу…



Има кандидати за “жешкото столче“, без оглед на тоа колку изгледа компликувано и напорно. За тоа се размислува активно. Веројатно тоа ќе биде човек на помлада возраст, кон средни години, добро образован, веројатно со некоја специјализација во Бугарија. Ќе треба да ги покаже и своите “семејни бугарски корени“, што не би требало да биде проблем, барем не за некој од овде. Такви ги има многу, чии предци имаат дебели досијеа во ДБК-а, од 1945 до денешен ден…некои имаат документи уште од Илинден 1903 или пак од 1918 година. Каква сила ќе има тој овде? Веројатно никаква, неговата сила ќе треба, барем во прво време да ја црпи од надвор, од Бугарија и од меѓународната заедница. Ќе личи на лидерите на албанските партии кај нас, кои (дали сите!?) и до денешен ден, главните консултации ги обавуваат во Тирана. Албанската дипломатија е нивниот грбнак, нивната опора во меѓународните контакти. Така и треба. Ова ќе биде нова, дополнителна задача за бугарската дипломатија, традиционално ненавикната да влегува во конфликти за правата на бугарите во другите земји, например во Западните Покраини…сега е друго време и во Софија постои свест за таква опција. Во изборот треба да се одбегнува прилагодувањето кон терминот “добриот бугарин“, кој означува грозно двојство на повладување “и на едните и на другите“, тотална безкарактерност на личноста и на оние кои го поддржуваат. Во “среќната“ титова Југославија, таков имавме во ликот на “добриот омладинец и албанец“ Азем Власи, па видовме што стана. Сепак, тој добро помина, таквите обично добро поминуваат. Ја имаме и актуелната ситуација со Милорад Пуповац како претставник на српскиот народ во Хрватска. Одлично се држи, се бори за своите права и правата не заедницата, но српската подршка не секогаш е целосна. Тоа е проблем на поимањето на “сопственоста врз власта“ како теза на српското раководство.

Ако Азем Власи во политичката кариера немаше проблеми (освен тихиот презир на околината) заради силата на Тито, ако Пуповац има проблеми кои се на тапет за решавање веќе сто години, „“добриот бугарин“ во македонскиот парламент ќе се сретне со некои нешта кои ќе бидат враќање кон минатото. Сакал или не, (тој самиот или сите ние), Љубчо Георгиевски беше оној кој важеше за “бугарин“ во македонското општество и парламент. И не важеше за “добар“! Знаеме како тогавашните “Нова Македонија“, “Вечер“ и МРТВ, единствените медии тогаш, со својата простачка, примитивна и националистичка политика, се справуваа со него. Преку него, со цел еден народ-бугарите. Никој не го поддржа, никој не застана зад бугарската кауза во Македонија. Во тоа време, распоредот на силите беше поинаков, па Љубчо (и некои околу него) беа мета на комунизираната и србизирана македонска журналистика. ВМРО ДПМНЕ и Љубчо лично беа нешто како боксерска вреќа за квазипатриотски тренинг на простаците од СДСМ, предводени од Киро Глигоров, Бранко Црвенковски и целата булумента на старата болшевичка номенклатура. По извесно време им се придружи и Сорос со својот лажлив интернационализам и “отворено општество“, теза за глупавите патриоти кои мислеа дека комунизмот си заминува. Не беше проблемот толку во “бугараштвото“ на Љубчо. Тој лесно ќе беше надвладеан, како што и се случи. Проблемот беше во искрите на подзаборавената бугарска кауза во Македонија. Тоа требеше да се изгасне, па тоа и се гасне сѐ до денешен ден. Неуспешно! Ситуацијата ниту сега не е многу подобра.

Да се надеваме дека “добриот…“ нема да лаже онака безочно, по македонски. Овде да кажува дека е македонец, а во Софија да се прави на голем бугарин, па уште и семејно и традиционално. Мина времето за такви финти. Сепак, сега Деве Баир по лесно се поминува, информациите патуваат брзо и нештата се по јасни. Нема да му се дозволат и политичките глупости кои ќе ги направи. Тоа му беше дозволено на Георгиевски, ама амнестијата е само за “првичниот грев“…сѐ друго се казнува. Конечно, и Љубчо е казнет на некаков начин!

Ситуацијата во Македонија е крајно компликувана, а македонците сме народ кој е тежок за управување. Тоа се привилегии на илузијата за стекнатата слобода, по падот на режимот во 1990 година, режим за кој во Македонија жалат оние кои во него никогаш не живееле…како и оние од “надвор“ кои го фалат, ама не сакаат да живеат овде.

Бугарската политика и бугарската дипломатија ќе се сретнат со огромни проблеми во своето натамошно делување, по однос на правата на македонските бугари. Ќе им се спротистави стерилната македонска политика, со илузија дека од нив, од бугарите, ќе добие отстапки за кои пред грците и албанците не смее ни да помисли, а камо ли да проговори. Бугарската дипломатија треба да докаже (одново!) дека е патриотска, професионална и со силни европски традиции. Потоа сѐ е лесно!



Претходна статија

Преображение е ден за смирение и благодарност пред подвигот на тракијските револуционери

Следна статија

За Радон Тодев, неговите комити и нивната Голгота

Најново од Истакнато