Илјадници граѓани ширум Бугарија бараат правда за 18-годишната Дебора, која стана жртва на суров садист во Стара Загора
Низ цела Бугарија се одржуваат собири и маршеви во поддршка на девојката што стана жртва на суров садист од Стара Загора. Бугарија ја зафати огромен бран на емпатија и нетрпеливост кон неправдата, јавува БГНЕС.
Софија инсистира на соодветна правда и казна според целосната строгост на законот
Законски измени, соодветна правда и казна според целосната строгост на законот. Вака насобраните граѓани пред Судската палата во Софија протестираат во поддршка на повредената 18-годишна девојка од Стара Загора, која со макетен нож беше нападната и обезобразена од 26-годишниот Георги Георгиев.
Величка Георгиева, која била жртва на семејно насилство, за БГНЕС вели дека треба да се променат многу закони поврзани со семејното насилство бидејќи, според неа, жените на никаков начин не се заштитени. „Оние кои напаѓаат жени во повеќето случаи се криминалци, тие биле во затвор. Мора да има соодветна правда, се мора да се смени, бидејќи и кога жената ќе биде претепана и ќе се обрати за помош кај органите на прогонот, насилникот станува уште посуров“, смета Величка Георгиева, а потоа објасни дека ќе продолжи да протестира во одбрана на жртвите на семејно насилство.
Според Нели Виткова, треба да има максимално ефективни казни, да се шири зборот за нив и да бидат превентива за секој што мисли да употреби насилство. „Јас сум сопруга, сестра, ќерка, мајка и не сакам да живеам во свет во кој вакво нешто може да се случи и таков психопат мирно да шета наоколу. Случајот со Дебора според мене е обид за убиство“, нагласи демонстрантката. Очекувам да бидат испитани и сите кои досега се занимавале со случајот“, вели Нели Виткова.
Неделчо Костадинов објасни дека се приклучил на протестот поради самиот факт што има насилство врз жена. „Млада девојка од 18 години е избодена со нож, тоа е мотивот да бидам овде. Треба да има правда и секој што заслужува да оди во затвор. Отсега мора да има законски измени и тоа мора да се почитува“, смета Неделчо Костадинов.
Илјадници млади луѓе скандираа „Оставка“ пред Судската палата.
Масовна поддршка за настраданата девојка и во Пловдив
Протест има и во вториот по големина град во Бугарија- Пловдив. Граѓаните се собраа пред Судската палата и бараат правично судење. Тие во моментов маршираат по главната улица на „градот под ридовите“.
Граѓаните носат плакати на кои пишува: „Праведни пресуди за силувачите и убијците“, „Љубовта не боли“, „Ниту една повеќе“ и др.
Огромна демонстрација и во Бургас
Приморскиот град не памети ваква демонстрација и вакво единство зад некоја кауза, јавува дописникот на БГНЕС од Бургас.
Главни организатори на мирниот марш се од Зонта клуб Бургас, кои повикуваат да не замижуваме пред суровоста во која живееме и да се покоруваме на нефункционалниот судски систем.
Поддршка на протестот даде и градоначалникот на Бургас, Димитар Николов, кој изјави дека нема нормален човек кој не сочувствува со болката на девојчето, брутално малтретирано од мускулестиот садист.
На протестот се приклучија Тинејџерскиот бум фест и Организацијата за заштита на бугарските граѓани. Поворката ќе помине низ централните улици на Бургас и ќе стигне до зградата на општина Бургас.
Велико Трново изрази огорченост од бруталното насилство врз Дебора
Речиси 300 жители на Велико Трново, претежно млади, се собраа на мирен протест под наслов „Не на насилството ВРЗ ЖЕНИТЕ“ пред Судската палата во поддршка на 18-годишната жена од Стара Загора, која брутално беше обезличена од Георги Георгиев, јави дописникот на БГНЕС од старата бугарска престолнина.
Демонстрантите, исто така, изразија огорченост поради бруталното насилство врз Дебора и несоодветното судство кое не успеа да ја заштити, и побараа правична казна за насилникот. Протестот е дел од националната иницијатива и е организиран од социјалните мрежи.
„Дојдов затоа што имам ќерка и сум жена и очекувам син, жалам што системот функционира така, нешто треба да стигне до медиумите и притисокот на јавноста да го предизвика тоа што се одвива во последните три дена! Вандализам е да се скрши прозорец или да се украде нешто, ова е сурово!“, сподели Михаела Пенева.
„Дојдовме овде да го изразиме нашето сочувство и нашата фрустрација од правосудниот систем и неговите одлуки и да кажеме дека ова е лудост, а светот во кој живееме е болен и се надеваме на правда!“, коментира друг демонстрант.
„Сакаме да изразиме сочувство за девојката и со тоа да го изразиме нашиот граѓански став дека тоа не е нормално! Живееме во 21 век и овие работи не треба да се случуваат и би рекла – ниту еден човек отсега не треба да биде жртва на насилство!“, сподели Маринела Бајчева од Велико Трново.
Благоевград побара строга казна за насилникот со ножот.
Десетици граѓани на Благоевград денеска во 18 часот се собраа на тивок протест пред Судската палата во знак на сочувство за 18-годишната Дебора, која беше брутално исецкана со макетен нож од Георги Георгиев, јавува дописникот на БГНЕС.
„Мора да има реални измени во законот и правични казни, за да можат нашите деца да се чувствуваат удобно во својата матична земја. Причините за ваквото насилство, според мене, се вкоренети најпрво во семејството, проблемите во образованието, кои се пренесуваат во судскиот систем. И ние сме тука со мојот син за да изразиме подршка за повредена девојка, а тој што го направи ова злосторство да добие праведна казна“, рече Катја Лазарова.
Илјадници луѓе се собраа пред Судската палата во градот Стара Загора уште пред почетокот на протестот, кој беше најавен за 18 часот, јави дописникот на БГНЕС од „градот на липите“.
Малку порано, Окружниот суд во градот донесе одлука Георгиев да остане во притвор. Неговите адвокати изјавија дека ќе се жалат на одлуката.