ДОЛГОТО ПАТУВАЊЕ ДО ЕУ

Ете, и тоа се случи. Македонија доби, или во најскоро време ќе добие датум за преговори со ЕУ и со тоа ќе заврши еден долг, измачувачки и мачен процес на присоединувањето на државата кон современите европски и светски држави, поредоци и системи. Ако влезот во НАТО беше само прелудиумот кон демократската иднина на македонската држава и народ, тогаш непречениот пат за влез на земјата кон ЕУ треба да биде потврда за демократските заложби вложени од Владата на РМ за разрешување на повеќедецениските проблеми на земјата, не само со името и историјата, туку и со искрените намери на еден дел од политичарите, за влез во европските процеси. И конечно да си признаеме, тоа беше поголемиот дел од македонските политичари од сите македонски влади по 1990 година, поддржани од сите македонски политичари наследени и останати од времето на „славната“ СФРЈ.

Времето пред кое се наоѓаме, треба да не поучи за времето кое го поминавме. Македонија беше најсиромашната југословенска република, а нејзините политичари беа на најниската цена на вредноста на југословенската политика. Нивната стојност беше мерена само во однос на припадноста кон српското крило на југословенската политика, тие беа поддржувачи на великосрпските аспирации кон целокупната југословенска заедница. Навистина, беа „тихи“ поддржувачи, но во гласањата на ниво на Федерацијата, не беа безначајни. Гласот е глас, како и секој друг. Имавме значајни политички имиња, као Лазар Колишевски, Лазар Мојсов, високообразованиот Крсте Црвенковски, Грличков, Андов и плејада други политичари. Ние решивме дека најзначајниот меѓу нив е Киро Глигоров и одлучивме тој да биде нашиот претседател. Заедничката особина им беше дека сите беа излезени од пазувите на НОБ – НОВ и ПОЈ, чеда на „инструкторот“ Светозар Вукмановиќ-Темпо. Затоа, прво не можевме да се одвоиме од Србија на Милошевиќ, за до денес да не можеме да се одвоиме од илузиите за некаква Евроазиска федерација.

Русите со директно влијание, со војска полиција и насилие од невидени размери наложија русофилство на поголемиот дел од бугарското општество, додека пак ние русофилството го примивме како „дар Божји“ дадено и подарено на нас, од Србите. Во Македонија тие,Србите ја отворија вратата на руските идеи и идеологии, а со нив заедно ни ги вгнездија и руските разузнавачки служби. Се одново и одново не македонизираат на највулгарниот возможен начин, како Коминтерната уште да е жива. Некој мислител од Бугарија рекол дека „последниот комунист кој ќе умре ќе биде Бугарин“, а за Македонија може да се каже дека „овде ќе умре последниот коминтерновец“.

Поинаква е состојбата меѓу „Македонците“ од соседството. Грчкиот новинар и публицист од македонско потекло Јоргос Пападакис, кому навистина му верувам, дава некои поинакви состојби на Македонците во Грција. Застанале на антимакедонистички позиции многумина од нив. Таму се вбројуваат фудбалерот Трајанос Далас-Неделков, активистот на ПАСОК Ангелос Толкас од Негушко, Стелиос Папатемелис, неколкукратен министер во владите на ПАСОК, Јоргос Танис од Јаворени и Јоргос Пецас од Воден, високи државни функционери во својот крај. Меѓу нив е и братучедот на Павлос Воскопулос, Јанис Воскопулос, кој е градоначалник на Лерин. Сите тие стојат на антимакедонски позиции, гледано од нашата страна на проблемот, но сите тие одамна се во ЕУ и се борат за нејзиниот опстанок и нејзините привилеги. Не се само тие. Пратеничката на парламентот во Букурешт, Лиана Димитреску, имала македонско потекло, но ништо не и пречело да гласа за влез на Романија во ЕУ, без оглед каде е нејзината „етничка“ татковина Македонија. Ладни тушеви доаѓаат и од албанскиот парламент. Пратеничката Месила Дода, по потекло од Гостивар, дава наводни антимакедонски изјави кои ја вознемируваат македонистичната политичка ориентација на земјата.

За Бугарија да не говориме. Таа е рак-рана на македонстичките политичари и историчари. Бугарските медиуми насекаде под нос им го поттураат потврдениот факт дека „многумина сметаат дека Македонците отсекогаш биле крем на бугарското општество. Во 1917 година во тогашната бугарска влада имало 8 министри Македонци, 13 дипломати, 12 митрополити, 12 професори на Софискиот универзитет, 84 научници, писатели и публицисти, 32 уметници, скулптори и глумци, 70 лекари, 166 високи административни службеници, градоначалници, судии, адвокати, 266 активни и 453 резервни офицери.“

Тодор Живков за време на расправите што ги имал во 1967 година со Крсте Црвенкоски се пофалил дека околу 50 отсто од членовите на тогашниот Централен комитет на БКП биле Македонци со бугарска свест. Така било некогаш, сега бројката е уште поголема. Но, сега за разлика од некогаш, Бугарија не е поразена држава, Србија не е победителот, а Македонците се на уште повисоки позиции. Бугарскиот председател во минатиот мандат и еден од најуспешните бугарски политичари Росен Плевнелиев има македонски корени, тој тоа секогаш јасно го истакнува, како и неговата позиција за Македонија како „исконска б’лгарска земја“. Да не го заборавиме Филип Димитров, по моето скромно мнение, најдобриот и најобразованиот премиер на Бугарија во поновото време. Имаше краткотрајно владеење и падна како жртва на таканаречените „Бојански ливади“, заговор против него, каде беше сменет во валкана соработка на председателот Жељу Желев со бугарските комунисти-русофили од тогаш и сега актуелната БСП/БКП и протурската партија ДПС. Кога доаѓаше во Охрид, понекогаш се дружеше со хотелиерот и стариот политички затвореник Љупчо Коцаре. Имаа интересни разговори, Коцаре стар михајловист, а Филип Димитров далечен роднина (па и не толку далечен) со семејството Дрангови.

Оваа влада ги реши виталните прашања што ја мачеа Македонија околу нејзините европски амбиции-Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија. Тие се надминаа себе си, го надминаа југословенското наследство оставено од србоманската политика, валоризирано со лажливите титовистички федералистички идеи, сето тоа гарнирано со прифатената српска/србоманска омраза кон сѐ што е бугарско и албанско. Во денот кога Македонија ќе го добие датумаот за преговори (се надевам, за кратко време) на ѓубрето на историјата ќе заминат сите стари политичари од југословенско/српски/русофилски ков, а на сцената ќе настапат нови сили. Притоа, воопшто не е важна судбината на Заев и оваа Влада, ниту на некоја наредна проевропска влада. Важно е да се отвори патот кон демократијата и демократските процеси и методи. Тогаш ќе се решаваат и проблемите на корумпираното судство и администрација, нечесноста на политичарите, силата на македонската валута и другите тековни прашања. Најважното прашање, за идентитетот на македонската нација и народ и за неговите корени тогаш ќе се решава на европско ниво, на демократски начин. Нема да има политика и идеи признати само на просторот од Куманово до Гевгелја. Тогаш главните судии ќе бидат албанските, грчките и бугарските историчари и политичари. Тоа ќе биде македонската демократска пролет.

Автор: Владимир Перев