КАКО ДО ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ

/

Деновиве во Република Македонија е актуелна темата за датум за почеток на преговори со Европската Унија. За жал, и покрај сите лажни славења, спинови и манипулации кои една година ни се случуваат во континуитет, се реализираше најлошото сценарио, што значи дека повторно немаме датум за преговори.

Причините за тоа се и повеќе од јасни, особено доколку се чита извештајот за напредокот на Република Македонија. Тука сакам да напоменам дека добивме чиста препорака, што не е прва, но не добивме и кристално чист извештај како што некој сака да го прикаже. Доколку убаво се чита истиот, ќе се воочат причините зошто немаме датум за преговори. Нејсе, агонијата продолжува, сега се пролонгира за октомври, а прашање е дали и во октомври ќе добиеме датум. Причина за ваквата состојба се две работи.

Првата е тоа што немаме кохабитација помеѓу власта и опозицијата. Доверба скоро и да нема, а и не може да има кога власта при секоја лидерска средба продолжува невешто да лаже. Јас искрено не би верувал на власт која продолжи со лагите и манипулациите онаму каде што застанаа претходните, па може дури и се полоши во повеќето сегменти. Изјавите и ветувањата дадени од нивна страна не траат ни две минути откако ќе ги изговорат. Суштината за ваквите состојби е многу подлабока од што изгледа, но најмногу од се влијае султанско-намесничкиот однос кој го имаат воспотавено, а се нарекуваат социјалдемократи. Доколку сакаат да си го повратат кредибилитетот време е за нови луѓе кои веруваат во социјалдемократската идеологија, а не горди послушници и медиокритети чија единствена водилка е да му слугуваат на „султанот“. За опозицијата многу пати до сега коментирав. Ако сака да ја поврати довербата време е за дистанцирање од претходното раководство, време е за нов Статут, демократизација на истата, како и избор на сите тела и органи низ една транспарентна и демократска постапка. Ова е од суштинско значење за сите идни процеси кои треба да се случат во државава, а за кои ќе имаме сериозен мониторинг од страна на ЕУ.

Втората, поголема причина од првата, е тоа што во државава во суштина нема реформи во ниедна област. Сегашниве само ги наследија и ги продолжија практиките на претходните. Место да се зафатат за реформи, тие продолжија со непотизмот, корупцијата, криминалот и уништувањето на Република Македонија. Некои ќе кажат опозицијата е крива, ги кочи процесите. Не, тоа апсолутно не е точно. Сетете се само како постапуваше власта кога и гореше под нозе и со кои уцени и закани, на каков криминален начин го смени Уставот на Република Македонија. Значи можеле и можат. Дали се кадарни и дали сакаат – секако дека не. Во суштина, помил им е личниот комодитет, парите, тендерите и да си вработат некој член од семејството, отколку да се зафатат со вистински реформи. Но, кога ќе се погледне поубаво, биографиите на „реформаторите“ од власта посочуваат дека тие и немаат ниту знаења, ниту компетенции, ниту вештини да направат реформи. Присобрани „елитисти“ неспособни за ништо, потонати во суети и филмови колку се битни и колку се заслужни, но суштински се неспособни горди послушници и медиокритети! (Целата колумна прочитајте ја на www.lider.com.mk)



Автор: Доц. д-р Самоил Малчески



Претходна статија

ЌЕ ИСПЕЕ ЛИ НЕКОЈ ПЕСНА ЗА ТИКВЕШКОТО ВОСТАНИЕ?

Следна статија

ХАЏИ ХРИСТО ДАНКОВ-БУГАРИНОТ

Најново од Колумни