ЌЕ ИСПЕЕ ЛИ НЕКОЈ ПЕСНА ЗА ТИКВЕШКОТО ВОСТАНИЕ?

//

Денеска се одбележуваат 76 години од стрелањето на 12-те младинци комунисти од кавадаречкото село Ваташа од страна на припадници на бугарската војска, која во тој период била составена од голем број Македонци. Историски факт е дека и самиот командир на четата што ги стрела младите комунисти, полковник Љубен Апостолов, е по потекло од Крива Паланка.

По повод овој трагичен настан, оперскиот пејач Благоја Нацовски, објави видео со негова изведба на песната: „Ми заплакало селото Ваташа“. Неговата маестрална изведба можете да ја погледнете на неговиот facebook профил и се разбира на порталите што со душа го чекаат Груевски да се врати од Будимпешта, па макар и со економски лет, а не во гепек, како што според Заев избегал.

Сличен таков грозоморен чин се случил неколку месеци подоцна во Бугарија, а имено во селото Јастребино, кадешто од страна на бугарската армија биле стрелани 18 јатаци на партизаните, тука најстрашниот момент е фактот што меѓу убиените комунисти има и 6 дечиња.

Убиените во Ваташа и во Јастребино биле третирани според вонредниот Закон за заштита на државата кој во Царството Бугарија бил активен со одредени дополнувања и измени од 1924 г до 1944. Изгласан е прв пат по крајот на комунистичкото Септемвриско востание и е укинат во октомври 1944 г.

Јас сум свесен за огромната желба на некои македонски патриоти да го истакнат Ваташкиот масакр како нешто за што Бугарите треба да плаќаат и денеска, но треба да се знае дека разлика во третманот кон припадниците и помагачите на вооружените комунистички групи на територијата на Царството Бугарија во тој период немало.

Вчера се навршија 106 години од Тиквешкото востание, првиот организиран вооружен отпор против српската власт во Вардарскиот дел на Македонија. Востанието траело околу десетина дена и го опфаќало реонот на Кавадарци, Неготино и Ваташа. Неколку стотици тиквешани се убиени од страна на српската војска, во која активно учество земаат четничките војводи Василје Трбиќ и Јован Бабунски.

За ова востание не се зборува со толкава жар од „патриотите“. За жртвите паднати во борбата против српскиот окупатор ретко кој знае по некоја песна, а и да знае ќе ја пее под мустаќ, бидејќи и покрај фактот што Македонија е независна држава од 1991 г. за српските активности на територијата на Вардарска Македонија не се зборува многу. Тоа како да е забранета тема.



Е сега, дали треба да се создаде мешовита комисија за историја и со Белград за да му текне на некој пејач да испее една жална песна и за тиквешаните загинати во 1913 не знам. Знам само дека, Македонија и Македонците никогаш нема да бидат начисто со своето постоење додека минатото го гледат низ белградската призма, а во сегашноста дозволуваат сиот неред околу нив да биде заглушен од омразата кон одредени соседни држави.

Додека тонеме со министри како командант Вентили и Хазби Лика, додека си играат кур ташак со нас преку јавните извлекувања за точаци сега и вработувања во ЈП Македонски шуми пред неколку години, можеме да си пееме колку што ни душа сака. Никој нема да дојде и да ни ги среди гомната. Затоа од Париз и Берлин не се восхитени од идејата Македонија да стане дел од ЕУ, па макар била таа и Северна.

Автор: Атанас Величков



Претходна статија

ГДУ-ШТИП СО „БЛАГОДАРНОСТ“ ДО БОЧВАРСКИ

Следна статија

КАКО ДО ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ

Најново од Истакнато

Ќорсокак

Пишува: Владимир Перев На 24 јуни 2022 година стана пресврт, револуција во менталната матрица на бугарите