| |

Достоинството и „продавањето магла“

Пишува: Владимир Перев

1.
Урсула фон дер Лајен дојде и си замина. не кажа ништо ново, не кажа воопшто ништо што не сме чуле. Премиерот Мицкоски ѝ беше достоен партнер…и тој не кажа ништо што до сега не сме чуле. Потоа ги слушнавме старите излитени фрази за достоинството, бугарскиот диктат и новата форма на нашето недоразбирање…дека Урсула го оставила отворено прашањето за одложната примена на измената во Уставот со која и бугарите ќе бидат конститутивен народ во македонија, како дел од бугарскиот народ. Значи, само што полета авионот на Урсула, повторно се слушнаа новите плачевни гласови и уште по новите замајувања на овој народ.

2.
Бугарите многу се извештија во изборите. Веќе по седми пат за овие три години излегуваат на избори и никако да формираат влада. Очите на ДПМНЕ се вперени кон Софија, се очекува нова “стабилна и политичка влада“, со која ќе можат да репреговараат, односно да извршат измени по македонски терк во она што се вика “Француски предлог“ а стана целосен предлог на Унијата. Во тоа никој не верува, ниту овде, ниту во Софија. Бугарската позиција по однос на реформите во Македонија, по однос на вметнувањето на бугарите во Уставот и по однос на човековите права овде е целосно зацементирана. Отстапки нема да има. Ниту една бугарска партија, без оглед на нејзините програмски цели и без оглед на нејзините позиции кон Унијата, нема да отстапи од заштитата на човековите права во Македонија, заштитата на своето бугарско население овде, независно од тоа колку се изјасниле како такви, или пак колку навистина ги има, прикриени, замолчени и испплашени.

3.
Се уште се говори за “штетноста од Преспанскиот договор, за обезличувањето на македонецот и за отстапувањето од македонските интереси во Грција“, за “продажбата“ на егејските македонци. Паралелно, но со уште посилен глас се говори и против Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, за тоа како тој договор навлегува во “битието“ на македонецот, како бугарските националисти сакаат да ни кажат дека ние овде “отсекогаш сме биле бугари, и само на еден ден, на Илинден 1944 година, сме се разбудиле како македонци“. Тоа е подла теза, такво нешто никој никогаш не кажал во Бугарија…ако и некој кажал, тоа е опција на индивидуа со низок општествено политички рејтинг. Бугарија ги признава, посочува, ги осудува или поддржува (дури и тоа го има) појавите на РАНИОТ македонизам, но тоа нема ништо општо со постоењето на македонска нација, јазик и држава…точно е дека сме се “разбудиле на Вториот Илинден“. Причините за тој “длабок сон“ и тоа “задоцнето будење“ се јасни и многупати посочувани.

4.
Мицкоски треба да знае дека ние македонците сме достоинствен народ. Сме преживеале војни, глад, болести и ропство…и сме опстанале. Пак можеме да преживееме. Премиерот и неговите советници, како и некои платеници кои низ медиумите тврдат дека “ние никогаш нема да влеземе во ЕУ“. Таа дефетискичка психологија, ориентирана само кон зачувување на привилегиите на оската Белград-Атина и подкрепена од Москва, ги дава своите погубни резултати. Народот е притаен и исплашен,за себе си и за судбината на своите потомци. Секој ден по медиумите слушаме и гледаме, како една шепа малоумници, инспирирани од сугестиите на антиевропската камарила овде, препорачуваат дека треба да преземат мерки: 1. Како чин на “нашето достоинство“, веднаш треба да се донесе парламентарен акт со кој се откажуваме од Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, го сметаме за ништовен и 2. Бараат одговорност од Владата на Зоран Заев (па и Али Ахмети), како главни виновници за таквиот национален дебакл. 3. Заедно со тоа, бараат поништувањето на Декларацијата Георгиевски-Костов и одговорност на учесниците во таа “антимакедонска завера“. Некои одат уште подалеку па, 4. Доколку ЕУ олицетворена низ ликот на Урсула фон дер Лајен, продолжи со игнорирањето на “нашите барања“ за одложено отворање на Уставот, “да се откажеме“ од Преспанскиот договор и да си го повратиме “правото за грижа на нашето население во Егејско и Пиринско“!

5.
Најдалеку одат оние кои не знаат ништо, или мислат дека народот не знае ништо. Говорат дека ЕУ не е единствениот пат, дека секогаш има излез.Мислат дека со помош на Вучиќ и Србија треба веднаш да побараме прием во БРИКС, да бараме да не помогнат финансиски и енергетски, а со нивна помош, да ги вратиме на ЕУ до сега земените средства. За сите овие нешта, велат дека не треба да се распишува никаков референдум, “ние одамна сме одлучиле дека нашето место е со Србија и дека путиновската Русија е нашата надеж за во идниот, по добар свет“. Никој не им кажува колку е “далеку Москва“ од Македонија. Владата на сето ова молчи, телевизиските могули ја поттикнуваат хистеријата и зголемуваат гледаноста, а светот гледа, слуша и се чуди.

6.
Некој мисли дека ние така, на таков начин, ќе си бидеме “свои на своето“, нема да виткаме кичма пред никого и самите ќе си ги чистиме, ако баш треба и лижиме, сопствените чевли. Тоа е пат кон авторитаризам, пат кон сопствен изолационизам. Ако пак тоа е вистинскиот “пат на достоинството“ зацртан од Мицкоски, нека повели да го реализира… сѐ друго е продавање магла, купување време и грабеж на општествените средства!
Или, нека наведне глава, друг избор нема!

Слични Објави