Другарот Тито-Секогаш на правилната страна

///

Пишува: Атанас Величков

Гледајќи го Тито Петковски во синоќешното издание на „Само вистина“, каде како занесен граѓанин во разноликата толпа на зовриениот Париз од првите мигови на Француската револуција го превзема кралскиот затвор Бастилија, за да бидат ослободени точно 7 затвореници, се сетив на едно многу интересно интервју на бугарската новинарка Мирољуба Бенатова од пред 7 години со еден од највлијателните луѓе од блиското минато во Бугарија, а имено високиот функционер на казиониот Бугарски земјоделски народен сојуз Виктор В’лков.

В’лков е дел од т.н „круг Монтереј“, за којшто во бугарските медиуми се пишува дека во одреден период ја вршел финалната селекција за тоа кој, каква државна функција ќе заземе во самиот врв на бугарската држава. За луѓето од „кругот Монтереј“ (според името на ресторанот во којшто се собирале), во бугарските медиуми се вели уште дека биле едни од главните „режисери“ на бугарската транзиција.

На прашањето на колешката Бенатова „каде погрешивме“ алудирајќи токму на транзицискиот период, стариот В’лков одговара „Учебник за транзиција нема“.

Таков учебник недостасувал и во нашата многу пропатена Македонија, бидејќи ако имало, сум сигурен дека токму Тито Петковски ќе се потрудел прв да го совлада материјалот. Сепак тој е вечниот професионален политичар и претседател на неговата пајтон формација НСДП. Тој е последниот мохиканец на оној чист антибугарски македонизам, кој на Македонија ѝ донесе само дообјаснувања и незгодни удари во пределот на многувековниот континуитет на македонштината гледана низ очите на неуспешните бановинци, незадоволните комунисти и реализираните Југословени.

Ликот на Тито Петковски е еден тажен симбол на една одамна загубена квазиголемина, пресликана во уште полажното братсво и единство на југословенските народи, таму каде што припаѓаат и токму нереализираните целосно како Македонци припадници на црвената југословенска номенклатура. Ситна или голема, нема никакво значење.

Гледајќи го другарот Тито од село Псача, како самиот себе си се убедува дека, ако бугарскиот председател Радев дојде и падне на колена да бара прошка за „ѕверствата“ на бугарскиот „фашистички“ окупатор, ќе започнело не знам какво пријателство меѓу луѓето од двете страни на границата, навистина ми станува тажно. Не за Тито, неговата песна одамна е испеана, се разтажувам за редовните гледачи на телевизија во Македонија. Каква ли затворска казна отслужуваат, па мораат да гледат, како еден таков трагикомичен лик им го брани идентитетот?

Навистина страшно…



Петковски е еден тажен јакобинец, кој набљудува како сечилото на гилотината го одзема животот на неговиот водач Максимилијан Робеспјер. Во моментот целиот негов измислен свет се руши. На маса се наоѓаат прашања, кои беа табу до пред неколку години. Тоа е реалноста. Затоа сега изгледаат трагикомични обидите на македонската политичка и научна елита да влезе во улогата на жртва пред „големобугарските хегемонистички барања“. Бугарија за тие, кои не се запознаени, ја призна реалноста, токму со признавањето на Република Македонија, како независна држава на 15 јануари 1992 г. Прашањето е кога РС Македонија ќе го признае фактот дека македонизмот наметнат од претходниот систем во својата најчиста природа е антибугарска идеологија? Кога РС Македонија ќе почне со рехабилитацијата на сите што настрадале од југословенскиот комунизам, само затоа што биле Бугари? Кога во РС Македонија Бугарите ќе можат без никаков проблем да се интегрираат во општеството, без да бидат стигматизирани или пак користени како алиби тип панаѓурски мечки, ете имаме еден деклариран Бугарин директор и уште неколку декларирани Бугари вработени на државно и влакно не им фали? Кога за односите меѓу РС Македонија и Бугарија ќе се зборува на пристојно ниво? Ви се молам, секој еден што ја следи проблематикава и го види синоќешниот настап на другарот Тито ќе сфати дека меѓу неговите сенилни бладања за бугарското извинување пред Могилата на непобедените во Прилеп и глупостите што ги пишува секој втор рурален буржуј на социјалните мрежи нема никаква разлика.

Зарем тоа е нивото?

Зарем политичката мудрост на Петковски стигнува само до тие небулози? Како да му се објасни на Југословенот, нереализиран Македонец, дека во центарот на Софија има згради, што се постари и од Кралството СХС, и токму тие згради ја симболизираат бугарската државност, градена и сочувана со многу пари и крв? Тоа е речиси невозможна мисија. Уште поневозможна мисија е бугарскиот председател поранешниот генерал Радев, да дојде и да падне на колена. Бугарските генерали не паѓаат на колена, но г-нот Петковски не го знае тоа, тој како еден типичен интернет „патриот“ со двеста збора во речникот, ја вергла глупоста за тоа дека Бугарија секогаш била на погрешната страна. На која страна беше мнозинството од луѓето во Македонија, додека Бугарија била на погрешната страна во Балканските војни, Првата и Втората светски војни, треба да одговори историската комисија, а Петковски да се направи на удрен со мокра крпа откако ќе го чуе одговорот.

Потрошете 50-тина минути од вашите животи и погледнете го гостувањето на другарот Тито во „Само вистина“. Ќе ја забележите разликата меѓу јуначењето што го покажува кога тема се Бугарите и сервилноста кон Грците. Ги спомнува другарите на несудениот кмет на Благоевград Атанас Кирјаков, ама не ни помислува да отвори муабет за другарите на Павле Воскопулос. Сме брзале вели со спроведувањето на Преспанскиот договор, за да сме покажеле кооперативност. Можеби токму небрзањето околу спроведувањето на бугарскиот Договор, ја донесе декларацијата на бугарскиот парламент од ноември 2019 г. Можеби Бугарите чекале, некој да ги сфати сериозно превземените и потпишани обврски што со себе ги носи договорот, но откако сфатиле дека некој со празни муабети се обидува да итрува решиле да си ги врзат панталоните. Треба ли да им се лути за тоа обичниот македонски граѓанин… Се разбира дека треба, Бугарите се криви за сите неуспеси на РС Македонија, донесени и од ликови како Петковски. Бугарите се сонуваниот непријател. Нив можеш да ги плукаш колку што ти душа сака, а во моментот во кој истите тие ќе се разбудат избањати од плуканици и ќе ти речат: „Доволно е!“, ќе започне нова кампања за нивното оцрнување во којашто ќе се вклучат знајни и незнајни лобисти, институти, историчари, припадници на модерни литературни кружоци и други слични давајгазовци. Како се осмелува Бугарија да се брани од тие црнила. Бугарија треба да се извини, Бугарија треба да падне на колена, пред луѓето кои затвораа и убиваа други луѓе само затоа што биле Бугари. Таков филм нема да дочека да види г-нот Петковски, без разлика дали ќе се признае или не од македонска страна дека во времето на поранешната држава се вршела тортура врз луѓе поради нивната етничка припадност.

На другарот Тито од село Псача ќе му остане само утехата, дека барем тој и неговите потомци биле секогаш на правилната страна.

Претходна статија

Ковачев го запознал Јанша со бугарската позиција за РС Македонија

Следна статија

(Видео) Весела Чернева: Бугарија го држи клучот за евроинтеграцијата на РС Македонија и Албанија

Најново од Истакнато