ДЗС: Дождот помогна да се изгасне пожарот во ловиштето „Јасен“
Дождот што утринава заврна околу седум часот и траеше нешто повеќе од два часа на подрачјето на ловиштето „Јасен“, помогна да се изгасне пожарот што беснее повеќе од десетина дена, соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
„Но и покрај поголемата количина на заврнат дожд, на некои места од пожарната линија сè уште може да се забележи чадење, поради што по кревањето на маглата и чадот, ќе продолжиме со пешадиско дејствување врз жешките точки што покажуваат знаци на горење. Овој терен ќе биде пребаран и со дронови со термални камери. Екипи на ЈП ‘Јасен’ продолжуваат со патролирање сè додека не се потврди дека пожарот е целосно изгаснат,“ се наведува во соопштението.
Од ДЗС апелираат граѓаните да бидат особено внимателни за да не предизвикаат нови пожари, како и да пријават секое сомнително однесување.
„Доколку граѓаните забележат електрични жици што се допираат или искрат, веднаш да пријават во ‘ЕВН’ или на бројот 112,“ се додава во соопштението.
