| |

ЕК ја одобри Програмата за прекугранична соработка Бугарија – Северна Македонија 2021-2027 година

Европската комисија ја одобри Програмата за прекугранична соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија 2021-2027 година. Над 31 милион евра ќе се инвестираат во следните 7 години во регионите Благоевград и Ќустендил во Бугарија и во североисточниот, источниот и југоисточниот плански регион во Северна Македонија, соопшти бугарското Министерство за регионален развој.

Најголем дел од програмскиот буџет, над 15,5 милиони евра, е планиран за проекти за интегриран територијален развој со фокус на специфичните потреби на регионот. Овој приоритет е насочен кон активности за развој на целосни, интегрирани и одржливи туристички производи, за зголемување на производствениот капацитет на малите и средни претпријатија и проширување на нивната економска активност на нови пазари и производи.

За подобрување на регионалната поврзаност и стимулирање на економскиот раст во прекуграничниот регион, ќе се финансира изградбата на граничниот премин Струмјани-Берово со соодветната инфраструктура. Проектот ќе го спроведуваат Регионалната управа на Благоевград и Царинската управа на Република Северна Македонија.

Ќе се инвестираат 5,2 милиони евра за изградба на зелени површини во градски и приградски средини, развој на природни зелени урбани површини и зелени површини за управување со водите. Средствата се инвестираат во приоритетот „Зелен прекуграничен регион“.



Слични Објави