| |

Елегија, пост-илинденска!

Пишува: Владимир Перев

Уште за Новата Година се виде дека работите ни тргнале проудолу, што би рекле прилепчани. На Националната телевизија, две руски песни. Еднаподруга. Некој заборавил на Информбирото. Историското “не“ на саканиот Тито, до омразениот Сталин. Изгледа дека ниту едниот бил сакан, ниту другиот омразен. Неколку месеци потоа Путин ја нападна Украина. Толку од нашата музика за Новата 2022. Кои ли песни сега ќе ги пееме?

Потоа дојде Илинден. Двојниот празник. Вечерта на 1-ви спроти Илинден разбравме дека сме имале Три, а сега го чекаме и Четвртиот. Вистинска инфлација. На прославите на претходните Два, ги видовме и чувме сите. И Лазо, и Тито и Црвенковски. Имаше и некои други, ама не толку важни. Најневажно беа нивните празни говоранции. Патриотизам, братство-единство, Југославија, бугарските фашисти, бугарскиот империјализам, шовинизам! Секогаш старо и изветвено. Завиткано во нова обланда. Ама, препознатлива содржина.

Вечер спроти Илинден 2022 година. Ноќ на Гумења. Ковачевски држи говор. Одмерен, страстен, со амбиции за иднината. Ноќ. Добра илуминација. Од споменикот се појавува една дама. Мислам Ристоска, без в. Засенчена, како Лени Рифенштал да режира. Облечена строго. Костим во полупастелна боја. Ем официјално, ем топло. Рецитира со страст. Вапцаров и неговата “Илинден(ска)“. Аман, пак ли Вапцаров? Заврши Револуцијата, ги видовме плодовите. Дајте некој друг. На пример, Смирненски. И тој е наш, македонец. Од Кукуш. А поезијата му е и социјална. Такво нешто ни треба. Ние сега сите сме на социјала, ова е “социјална држава“. Или држава на социјала. Нека биде во тој тон. Работата врви кон класичен соцреализам. Говори некој непознат. Бил градоначалникот. Овде сите заедно живееле, вели тој, па ги реди сите. Бугарите ги нема, ги става во “и другите“. Половина Крушево, за горната маала велат, “кај бугарите“. Ама, тој за тоа “не чул“. Нема спас од левицата. Ги спомна и бошњаците. Со години живееле заедно. Заборави да го спомне и Алија Изетбеговиќ, творецот на нивното име. Некаде се слуша музичкиот напев на “Во борба, во борба, македонски народе“. Убава песна, стиховите. Мелодијата е на руските тенкисти. Новогодишното проклетство ни стои над главите. Сега ја пеат во Украина. Не, Сталин не е умрен, сега Самодржецот од Кремл пролива невина крв во Украина. Тенкистите ја пеат истата песна. Може би и Тито е жив. Сигурен сум, тој е тука меѓу нас. Никогаш не умрел. Тоа е нашето проклетство.

Некаде низ темнината се мернува Бисера. Надеж. Потоа се слуша “Кармина Бурана“. Среќа. Среќните моменти кратко траат. Доаѓаат во ограничени количини. Глупоста е бескрајна. Некој го чита Лажливиот манифест, скроен од Никола Киров-Мајски и веројатно со асистенција на Љубен Лапе. Злоупотребено делото на Арсени Јовков. Бил упатен и до “трудољубивиот турски народ“! А турците се “трудољубиви“ откако им падна Империјата. Да, откако им дојде Кемал Таткото. Љубител на мастика, цигари и убави жени. Нашиот Татко беше истиот, само место мастика пиеше виски. Ми недостига друштвото на покојниот Зоран Тодоровски. Сакам да му кажам дека вистината, никогаш не ја добила борбата против лагата. Тој беше за таа вистина. За Вистината за Лажливиот, непостоечки манифест. Продукт на најчистиот сталинизам.

Светлина. Краток омаж за Тоше Проески. Прекрасни фотки. Онаа, со белата гулабица, вистинска уметност. Оптимизам и надеж.

Конечно се појави Тамара, онака цицлеста и распеана. Знаев дека со глупостите е готово. Ќе имаме прекрасна вечер. Потоа дојде Наде, па Лоба. Прекрасна музика, наши, но и странски мотиви. Сето тоа во џез, рок џез, поп џез или нешто слично. Не е ни важно. Повеќето и така не разбираат. Досега најубавата ноќ на Гумења. Вистинско единство меѓу изведувачите и публиката. Ноќ на дамите на нашата музика. Таче онака без вратоврска, до него Грковска и воената министерка, потцупнуваа, подигруваа и се забавуваа. Дали има живот, “некаде отаде“? Ако има, тогаш тоа би била најдобрата ноќ досега, за паднатите во борбата за иднина и светлина. Подарок на споменот за пролеаната крв на Републиката.

Потоа одново соцреализам. Коминтерновски лаги. Драги Костовски и “Републиката…“ Потоа доаѓа гардата, Таче е пак со врска, па знамиња и така…Се сеќавам на Тито. На говорот во Сплит. Рече дека “ако сам имао толико бораца, колико сад имам борачких пензионера, одмах бих кренуо на Берлин, не бих чекао русе и американце“. Ама, знаел тој. Секогаш знаел колку пари има во џебот. Пуста политика.

На 2-ри сабајлето, председателот Пендаровски држи говор. Ретрограден, во стилот на Мицковски. Разочарувачки. Како ништо да не се случило седумдесет години. Дели ордени. Заслужено за сите. Должност на Председателот. Највпечатлив ми е оној, посмртно, за храброст, на Невена Георгиева-Дуња. Не-прогласена за народен херој од АВНОЈ-ска Југославија. Биографија за почит. Излегла партизанка на 16 години, веднаш во 1941 година, убиена од бугарската војска и македонската контрачета во 1942 година. Маченичка смрт. Имала само 17 години. Ме измачува едно прашање. Кој е тој лудак кој дете, девојче на 16 години го упатил и примил во партизани. Загинала бранејќи ја отстапницата на своите другари, за да можат да се повлечат. Кој бил тој кој наредил едно дете да се жртвува, за да се спасат некои луѓе кои сами не можеле да се заштитат. А требало тие да ја штитат неа. Ги штитело дете, девојче. Какви што биле, подлеците сигурно се спасиле. Останале живи. Пендаровски да даде “допрен глас“ до јавниот обвинител на РСМ, за воено злосторство. Тоа не застарува. Да бидат судени и постхумно осудени на смрт. На столбот на срамот. Колку што знам, контрачетниците до 1948 година, веќе се ликвидирани. Бугарите ја загубија војната. Комунистите да бидат мирни. Долгот е наплатен. Остануваат нерасчистените сметки на нашите гревови и подлости.

На Пелинце топло, бледо и досадно.. Пристоен говор на Џафери. Партиски активисти со венци. Атмосфера на кич. Нешто недоречено виси во воздухот. Ужасно досадно. Дури ни водителката Билјана не успеа да внесе малку шарм во чествувањето. Ако таа не успеа, значи дека работата е дебакл. Тотален.

Ковачевски беше и на Мечкин Камен. Народот, по патот кој се врви пеш, му викаше уааа! Патот до Мечкин Камен, стана нешто како патот до Голгота. Добро е. Дојде демократијата. Говореше. Досега, убедливо најдобар говор. По добар и од сите лазовци, црвенковци, титовци и нивните трабанти. Цврст, модерен, европски. Го споменува АСНОМ. Така треба. Го избегава АВНОЈ. Така треба. Модерно, европски. Потоа, пак исто. “Со песни и игри низ Југославија“, па “сите народи и народности заедно“. Сето низ песна и игра. Никако да се ослободиме од Белград и Пјонгјанг.

За Белград имаме асоцијации. Стево го молел Вучиќ и Порфирије да дозволат прослава во “Св. Прохор Пчински“. Убаво, ама таму нема што да се види. Сѐ е разрушено, разнебитено. Најдобро е да се побара дозвола, АСНОМ 1944 да се слави во Белград. Во “Куќата на цвеќето“. Кај нашиот Тито. Сите го заборавиле, само се појавува со некој скандал, најчесто измислен. Нѐ учеа дека “ние сме Титови, Тито е наш“, дека “Тито ни ја дал државата“. Значи, треба да се оди таму, во Белград. Белград е убав град. Го знаеме и јазикот. А и нашиот е признат. Ќе гледаме згодни, насмеани белграѓанки, наместо обраснати и мутави попови. Нема проблеми. Арно ама, Тито ни ја даде само Вардарска. Оние двете други останаа. Добро, сега е Европа, ама нашата дијаспора никако да разбере. Тие физички се таму, по европите и америките. Со умот се овде, со оној окоштан ум, болшевички и шовинистички. Продукт на “титовото време“. Како целата наша дијаспора да членува во МАНУ.

Ова вака не може понатаму. Власта треба да пресече. Оваа власт. Да, Илинден да се чествува секоја година, ама да се слави еднаш на пет години. На округла годишнина, која завршува со бројките 3 и 8 во календарот. Ни власта, ни народот имаат нерви за толку говоранции, па зурли и тапани. Може и да се организира нешто друго, добрососедски. На прославите, македонска делегација, на “Св. Прображение“, да оди на Петрова Нива, па таму да им објасни на бугарите за “македонската организација“, за АСНОМ и за нашата антика. Да им кажат дека комитите и Гоце пишувале бугарски, затоа што биле принудени. Принудени и да земат државјанства и да одат во Воената академија. Да видиме како ќе поминат. Како “зајакнување“ да ги земат Љубчо и Бучко. Проверени пријатели на Бугарија. Бугарската делегација, со нивниот премиер или президент, да дојдат на Мечкин Камен, па да објаснат дека Македонска Револуционерна Организација не постоела, дека тоа е ВМОРО-Внатрешна Македонско-Одринска Револуционерна Организација. Дека ВМОРО е бугарска организација. Да ни кажат дека 1300 години патуваме заедно низ историјата, да ни кажат дека сме деца на Коминтерна. Да го видиме и тоа чудо. Да видиме како ќе поминат. Бугарите како “појачање“, да ги земат Бојко Борисов и Захариева. Потписниците на “пријателството“. Да видат и се уверат што потпишале. Да видат колку е тешко да се говори вистината. Се надевам дека нема да дојде до меѓусебно објавување војна. Не верувам дека толку сме забегале.

Нашата делегација ќе си носи сопствени пеачи и пеачки на Петрова Нива, а бугарите да си ги донест овде нивните, оние разголените. Ќе се поделиме и со храната. Ние ним, скара. Бугарите многу сакаат “србска скара“ (срам да им е!). Тие немаат што да ни понудат на тој план. Тоа е земја која не била окупирана. Останале зачаурени, без микс на култура во кујната. Останале во “пусто турско“. Ќе дојдат со вегетаријанското, “сирене по шопски“. Слаба работа, Имаат и “…по тракиски“. Исто, само со малку месо. Ама, ракиите, особено мускатовите им се одлични. Вината се на светски ранг.

Знам, повеќето од нас ќе се изнапијат, ама конечно победата ќе биде наша. Не можат со нашата музика, пеачките и лапачката. Така треба да се слави Илинден. Мртвите да ни завидуваат. Но, и да се задоволни од својата саможретва.

На денешен ден читам, се појавил некаков Нов АСНОМ. Господ да чува и брани, до каде стасавме. Малку ли беа жртвите од стариот АСНОМ, окапани по титовите затвори и логори…зарем уште крв и затвори? Прокоба ли е ова?

Помина половина година. Внимавајте со руските песни за Нова Година. Носат проблеми, леат крв невина!

Слични Објави