Европа мора да ја заврши својата работа со земјите од Западен Балкан

//

Земјите од Западен Балкан постигнаа значаен напредок од времето на 90-тите, кога етничкото насилство го разниша регионот и беше потребна меѓународна интервенција. Но, овој напредок е кревок и лесно може да се промени ако нема нов импулс, за да се вратат овие земји на патот кон членството во Европската унија.

На 16 јануари, претставници на Србија и Косово се состанаа во Брисел за разговори за градење доверба. Но истиот ден водачот на српското малцинство во Косово, Оливер Ивановиќ беше застрелан во Косовска Митровица, и преговорите беа прекинати. Од крајот на Косовската војна во 1999 година, земјите од Западен Балкан постигнаа голем напредок во справувањето со националистичките и реакционерните сили кои го донесоа овој брутален етнички конфликт. Но убиството на Ивановиќ,  сега се заканува да додаде уште масло во огнот. Националистичките духови во регионот се разбудија од сон.

Земјите од Западен Балкан се обидуваат да се справат со многу други предизвици. Корупцијата е широко распространета, поради мрежите на организиран криминал што произлегуваат од безбедносниот апарат од времето на комунизмот. Влијанието на САД врз регионот се намалува, а Русија сака реванш. За повеќето земји во регионот, како голем проблем стои патот кон пристапувањето во ЕУ. Ова треба да се промени.

Република Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, но преговорите за пристапување не започнаа бидејќи Грција вети дека ќе стави вето на македонското членство поради спорот околу името на земјата. Самата земја одамна е поделена од внатрешни прашања како што се корупцијата, злоупотребата на моќ и етничките прашања. Меѓутоа, постои причина за надеж. На овогодинешната средба на Светскиот економски форум во швајцарското одморалиште Давос македонскиот премиер Зоран Заев се сретна со грчкиот премиер Алексис Ципрас и се согласи да го преименува најголемиот аеродром во земјата. Неговото сегашно име, во чест на Александар Велики, одамна ги вознемирува Грците.

Од друга страна, Црна Гора стана членка на НАТО во јуни 2017 година Но таа исто така мораше да се соочи со растечкото влијание на Русија, вклучувајќи и наводен заговор за соборување на актуелната влада.  Црна Гора, заедно со Србија, го започна процесот на пристапување во ЕУ, но сé уште има многу работа. Од 35-те поглавја, кои треба да бидат договорени, Црна Гора отвори 30 и затвори 3, во меѓувреме Србија отвори 12 поглавија и затвори 2.

Многу други држави остануваат блокирани, или со вето од ЕУ, или поради внатрешните пречки. На пример, Босна и Херцеговина сé уште се бори со ограничувањата на Дејтонскиот мировен договор. А Милорад Додик, претседателот на Република Српска во рамките на Босна и Херцеговина, потпомогнат од Кремљ, ја промовира идејата за референдум за прогласување независност.

Русија очигледно има интерес од обесхрабрувањето на земјите од Западен Балкан кои инсистираат за членство во НАТО и ЕУ. Токму поради таа причина е уште поважно ЕУ да ја зајакне својата посветеност во регионот. За таа цел претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, повика на “сигурна перспектива за проширување” на регионот во неговиот говор “За состојбата на Унијата”.



Во февруари Европската комисија планира да усвои нова “Стратегија за проширување”, која ќе се утврди дека во 2025 година главна цел ќе биде пристапувањето на Србија и Црна Гора. Но ако оваа стратегија успее, таа ќе мора да биде придружена со реформи, предводени од Европа, што ќе ги доближат овие земји до членството во ЕУ.  Унијата мора да објасни дека пристапот ќе биде заснован на заслуги и дека целните датуми не се задолжителни. Стратегијата за проширување на ЕУ ќе бара поддршка од земјите-членки на ЕУ, кои треба да бидат свесни дека неуспехот да се зачуваат земјите од Западен Балкан на европскиот пат може да доведе до враќање на крвопролевањата од 90-тите години, или до уште полошо сценарио. Истото важи и за европските партнери и сојузници – особено за САД.

Што се однесува до самиот регион, политичките елити ќе треба да бидат мотивирани да ги спроведат потребните реформи, наместо да ги стават на прво место своите економски интереси. Со највисок приоритет треба да бидат судските реформи, кои ќе им помогнат на овие општества да го согледаат владеењето на правото и регионалното помирување, без кои не може да има напредок кон пристапување.

Покрај овие основни императиви, на регионот ќе му бидат потребни значителни инвестиции во транспортната и комуникациската инфраструктура за истиот да се поврзе со остатокот од Европа, а не со Кина и Русија, како што беше трендот во последниве години.

Алтернативата на европската заложба во Западен Балкан е зголемувањето на национализмот и можното враќање кон насилните конфликти. ЕУ мора да стори сé што е во нејзина моќ за да го спречи ова сценарио.

Автор: Ги Ферховстад, претседател на АЛДЕ

Претходна статија

Тачи: Ќе објавиме податоци за убиството на Ивановиќ

Следна статија

УХМР излезе со вонредна прогноза за викендот

Најново од Анализи & Коментари