ЕВРОПСКИ ФИЛМОВИ ВО КИНОТЕКА ВО МАРТ
Во Кинотека на Македонија во март ќе се прикажуваат серија европски филмови.
На 2, 3 и 4 март ќе има проекција на филмот „Свиркачи“ на режисерот Корнелиу Порумбоју. Филмот раскажува приказна за Кристи, полициски инспектор во Букурешт, кој игра за двете страни на законот. Кога убавата Гилда ќе го вовлече во ризичен грабеж, двајцата мораат да тргнат по патот на лаги и предавства.
Следните денови, односно 5 и 6 март ќе се прикажува документарецот „Каде си Жоао Жилберто?“. Филмот го портретира Жилберто, влијателниот бразилски музичар кој важи за пионер на музичкиот жанр боса нова.
„Клер Дарлинг“, во режија и сценарио на Жули Бертучели, посетителите ќе можат да го погледнат На 7 и 10 март.
„Клер Дарлинг се буди на првиот летен ден убедена дека тоа ќе биде нејзиниот последен ден во животот. Одлучува да ја испразни куќата и да продаде сè што има, без исклучок, од скапоцените ламби ‘Тифани’ до разни други предмети што ги поседува“, се вели во најавата за филмот каде улогите ги толкуваат Катрин Денев и Кјара Мастројани.
За 11 и 31 март е најавен филмот „Милост Божја“, дело од 2019 година на познатиот француски режисер Франсоа Озон. Филмот ги следи животните приказни на тројца возрасни луѓе – Алекс, Франсоа и Емануела, нивните трауми и долгогодишната борба со самите себе.
Целосно инфо за проекциите тука.

