ЕВРОПСКИТЕ ЗЕМЈИ ГИ ОТВОРААТ ГРАНИЦИТЕ, НО НЕКОИ СÈ УШТЕ ИМААТ СТРОГИ ПРАВИЛА

ЕВРОПАЕвропските земји ги отвораат границите, но некои сè уште имаат строги правилаОбјавено пред 7 минути – 15 јуни, 2020Од Макфакс

Европските земји денес олеснаа некои гранични контроли воведени во пандемијата на „Kовид-19“, но затворањето на Шпанија, голем број други ограничувања и новите методи за граничен премин покажуваат дека ќе продолжи да се чека на патувањата какви што беа пред пандемијата.

Шенген-зоната, во која членуваат 22 земји од Европската Унија и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија, оперира без контроли на границите, но заради коронавирусот беше суспендирана на три месеци за сите, освен за стоки и неопходнии работници.

Многу гранични рестрикции за посетителите од Европската Унија и шенген-зоната ќе бидат укинати од Исланд до Грција, но тоа нема да биде враќање на непречено патување како што беше пред пандемијата.

Предупредувањата за патувања што пред три месеци ги воведе Германија, се укинати за поголемиот дел од Европа. Германското Министерство за надворешни работи го укина и предупредувањето за патување во 27 европски земји.

Откако во првата недела од јуни ги отвори повеќето од своите граници со соседните земји, Австрија го укина задолжителниот карантин и тестирање за граѓаните на другите земји членки на ЕУ и нордиските земји кои не се во сојузот.

Но, ограничувањата во Австрија остануваат на сила за Шведска, Шпанија, Португалија и Велика Британија, како и предупредување за патување во најпогодениот регион на Ломбардија.

Ограничувањата за влез за сите земји од Европската Унија и Велика Британија ќе ги укине Швајцарија во понеделник.

Исланд од почетокот на неделата нуди тестови за коронавирус за сите патници, освен деца, што е опција наместо двонеделен карантин. Тестот е бесплатен до 1 јули, а во некои случаи е дозволена и потврда за претходно тестирање.

Шпанија не дозволува странските туристи да влезат до 21 јуни, со исклучок на некои острови. На другите места, можноста за патување зависи од тоа од каде се доаѓа и каде се оди.

Грција продолжува да бара карантин за патниците од аеродромите на осум земји на ЕУ. Чешката воведе систем на семафор, со кој се забранува влез на туристите од „жолтите“ или „црвените“ земји како што се Португалија и Шведска.

Данска пушта туристи од Исланд, Германија и Норвешка, но не и од Шведска, под услов да резервираат најмалку шест ноќевања.

Пред коронавирусот, внатрешната европска граница просечно ја минувале околу 3,5 милиони луѓе секој ден, се вели во минатогодишниот извештај на Европскиот парламент. Околу 1,7 милиони од нив го направиле тоа поради работа, а многумина од нив денес работат од дома.

Извор: makfax