Феноменот на Курти и комплексот од Србија
Facebook статус на Никица Корубин
Изразениот комплекс што нашиот политички естаблишмент го покажува кон српскиот претседател Вучиќ е единствената дилема во насловот. Дали тој лично или пак Србија генерално е предметот на одушевување и стравопочит што редовно, нашите јавни функционери, позиција или опозиција, и парадоксално македонска или албанска, ја негуваат кон него/неа.
Иако, актуелниот “судир” некој се обидува да го сведе на персонална “војна” меѓу косовскиот премиер Албин Курти, како легитимен претставник на извршната власт на Косово и српскиот претседател Александар Вучиќ, како наметнат, сеприсутен и единствен реален претставник на Србија; всушност односот на Курти кон Вучиќ е однос кон српскиот хегемонизам, јасно и недвосмислено претставен и во ликот на српскиот претседател.
Оттаму, комплексот на нашиот политички естаблишмент е разбирливо “комплекс на пониска вредност”, а не на повисока. Таа е резервирана за односот кон Бугарија. Косово, е претпазливо ставено на страна, со вешто глумење на неутрален однос, чекајќи го сигналот од менторот и идолот. А, пак Албанија е веќе “деалбанизирана” преку, исто така омилениот “Отворен Балкан”. Грција е секако преголем залак, за нашата целосна инфериорност и политичко/дипломатска збунетост, на сваќањето на терминот “добрососедски односи”. Иако, неутралноста или добрите политички манири, би требало да се подразбираат во однос на политичките и сите други односи, со било кој сосед.
Но, тоа не е така. А, јасноста и експресијата, во редовната лична егзалтираност на средбите на јавните функционери со српскиот претседател, притоа заборавајќи дека не’ претставуваат сите нас како држава и граѓани; но и заборавајќи дека и тој претставува српски граѓани, кои и не се баш толку егзалтирани и воодушевени од неговото практикување на власт. Која пак критика за авторитарно практикување на власт, беше и главниот мотив, за оваа денешна власт во Македонија, и да биде на власт. Со други зборови, ако пречела локалната аворитарност, како тоа не пречи соседската авторитарност?
И токму затоа, кај нас и никој не го разбира феноменот на Албин Курти. Кој практично го реализира она што сите декларативно го тврдат. Како изгледа владеење на правото и функционирање на системот. Почитување на државата и нејзината институционалност. Принципиелноста во политичката стратегија, како единствен долгорочен влог. Спремност на компромиси кои решаваат тешки прашања, а не замрзнуваат посакувани конфликти. Од политиката прави умешност, а не пазар. И тука, за секој неутрален набљудувач, нема простор за пристрасност. Која пак, нашата “јавност”, целосно пристрасно кога не го игнорира (најчесто), целосно го деградира и сатанизира (многу често).
И тука доаѓаме до истото прашање, како за реалниот и метафорички однос кон Бугарија: зошто Курти го гледаме со “српски очи”, како што Бугарија ја гледаме со “југословенски очи”? Ако, тој поглед за Србите, кон Косово, базиран на предрасуди и апсолутно одбивање да се прифати реалноста, е очекуван (и за нивна жал ретрограден, шовинистички и игнорантски), зошто за нас би бил прифатлив?
За нас, земја членка на НАТО, земја кандидат за ЕУ и земја која, нели се залага за владеење на правото, почитување на човековите права и демократијата? Па, нели во најмала рака би требало да биде неутрален, ментално и искуствено? И нели токму со таа наша принципиелност би требало, да го демонстрираме патот кон решавањето на тешките прашања со соседите, и на тоа секогаш да ја потсетуваме и охрабруваме и Србија и Косово? Наместо тоа мазохистичко идолопоклонство, кон хегемонија чии потенцијални жртви, можеме да бидеме и ние самите.
И затоа принципиелноста по која константно ламентираме, во односот на Европа и светот кон нас, се’ потешко станува, нешто на кое можеме да се повикуваме. Пред да посочиме на туѓиот шовинизам, национализам и авторитарна вљубеност; можеби треба самите себе да се погледнеме. Кои се всушност реперите и примерите за нашата “политичка елита” во практикувањето на власта, за да знаеме колку има лага, а колку вистина кога “страсно и посветено” говорат за европска Северна Македонија. И колку (не)свесно го разликуваат интересот и опасноста за сопствената држава и регионот.