ФЕСТИВАЛ „ЛИТЕРА 2020“: НАЈМЛАДИТЕ ЌЕ ГИ ИСТРАЖУВААТ РЕМЕК-ДЕЛАТА НА ДИМИТАР КОНДОВСКИ

Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ од 14 до 19 октомври ќе го организира второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Во рамките на фестивалската програма ќе биде отворена изложба на илустрации на доајенот на македонското сликарство Димитар Кондовски (1927-1993). Изложбата ќе биде отворена на 14 октомври во Национална галерија на РСМ во објектот „Мала станица“, а ќе биде организирана според протоколите за заштита од ковид-19. За време на настанот ќе бидат организирани повеќе работилници на кои деца на различна возраст ќе имаат можност да се едуцираат, да ги запознаат и да ги истражуваат ремек-делата на Кондовски.

Во својата грандиозна творечка кариера како сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ, професор на ФЛУ, Кондовски е една од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство во 60-тите години на минатиот век, а изложбата на илустрации е соодветен вовед кон ретроспективната изложба на Кондовски што ја подготвува Националната галерија.