Филипче: Никој не можеше да претпостави како ќе биде, не е потребен карантин за Тетово и Гостивар

/

Никој не може да претпостави како ќе се одвива сега ситуацијата, меѓутоа го анализираме бројот на прегледи и изминативе два до три дена е изедначен. Многу е рано да се каже дека ситуацијата спласнува, но секако за сите пациенти имаме сосема доволен болнички капацитет, со овој систем на координација меѓу Тетово и Скопје, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, во однос на преполнетоста на болниците во Тетово и Гостивар.

Болниците во Тетово и Гостивар се преоптоварени, а во Кичево и Струга делумно, рече Филипче, посочувајќи дека се во постојана комуникација со директорите на тетовската и гостиварската болница и секој пациент на кој што му е потребно болничко место, по претходна најава се праќа во Скопје.

– Тука е целосно исполнета инфективната клиника, заедно со модуларната. Над 130 пациенти се веќе хоспитализирани, Институтот за туберкулоза и од денеска почнува да работи и болницата за рехабилитација во Козле, каде што има 120 кревети, снабдени со централен довод на кислород, изјави Филипче.

Во однос на можноста за воведување карантин во Тетово и Гостивар, Филипче рече дека, ги разгледувале овие мерки и заклучиле дека засега не е потребно.

– Сепак, тоа е една голема рестрикција. Ставаме акцент на вакцинацијата, како еден процес кој треба и да го зголеми колективниот имунитет, но и да го спречи ширењето на вирусот, вклучувајќи ги и овие градови каде што е најголем бројот на пациенти и дијагностицирани и хоспитализирани, изјави Филипче.

На секој пациент, нагласи Филипче, му се пружа максимална грижа, но посочи дека и многу пациенти доаѓаат касно, како што е примерот изминатите неколку денови, кога имало случаи со 40-50 проценти сатурација на крвта.

– Нешто под осум проценти од сите починати се вакцинирани и тука зборуваме за целосно вакцинирани. Меѓутоа, тоа се луѓе кои и се постари и имаат навистина сериозни комордбилитети, изјави Филипче.

За тоа дека смртноста се должи на фактот што матичните лекари немаат јасно дефинирани протоколи за лекување, тој рече дека матичните лекари имаат протоколи и јасно е кои пациенти треба да се лекуваат во домашни услови и кои во болнички.



-Болниците се отворени. Матичните лекари ги гледаат пациентите до попладневните часови, во вечерните часови сите доаѓаат во болница, така што апсолутно во сите тријажни центри и во Клиничкиот центар и Инфективната клиника, вратите се отворени. Имаме систем за проценка и координација, кој каде ќе се хоспитализира, ако е тоа потребно, појасни Филипче.

Во однос на изјавата на доктор Караџовски, министерот кажа дека многу често се дискутирало и имало различни размислувања, но дека дефинитивниот став бил, дека кога е мирна ситуацијата се треба да биде дозволено и тоа е целта.

– Првиот момент кога видовме дека има влошувања на состојбата, се дадоа и се препорачаа рестриктивните мерки, рече Филипче.

Гледаме, посочи, дека овој бран има слични карактеристики секаде во регионот.

-Очигледно е дека се враќаат луѓето од одмори и патувања и почнува повторно да се подига бројот на новодијагностицирани и затоа ги даваме тие рестрикции, изјави Филипче.

Извор: Zoom. mk

Претходна статија

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ е симбол за криминал и корупција, за што говорат бројни судски предмети

Следна статија

Поради зголемен интерес за вакцинирање, повторно се отвора вакцинален пункт во салата „Борис Трајковски“

Најново од Вести