|

„Флагрантна, дрска злоупотреба и на деловникот за работа“, вели Османи за незакажувањето на седница на Комисијата за надворешни работи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на својот Фејсбук профил пишува дека незакажувањето на седницата на Комисијата за надворешни работи при Собранието на Република Северна Македонија, претставува флагрантна, дрска злоупотреба и на деловникот за работа на Комисијата и воопшто на Учеството на Собранието како посебно тело во надворешната политика.

„Претставувањето на Кандидатите за амбасадори пред Собранието има посебна политичка и општествена улога во целиот процес на испраќање амбасадори во странство. Тоа е последниот чекор на еден долг процес во кој не само народните избраници, туку и граѓаните имаат можност директно да ги видат и слушнат идните нивни претставници во странство не само како ги образложуваат тезите, туку и како одговараат на сите поставени прашања.

Одложувањето на овој процес, особено своеволно, непотребно, и без пристојно образложение, претставува длабок политички хендикеп за надворешната политика и за остварувањето на стратешките цели на земјава. Но воедно, тоа создава и дополнителни предизвици за самите кандидати: проблеми за нивните семејства за нивното навремено преселување и сместување во земјата на прием; создава проблеми за образованието на нивните деца кои не можат навремено да се запишат во училиште; создава проблеми во организацијата на работата на самите дипломатски претставништва кои ја имаат организирано својата работа очекувајќи ги новите амбасадори да ги заземат своите позиции.

Затоа денес уште еднаш упатив и формална ургенција до претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонио Милошоски, веднаш да престане ова бојкотирање на надворешната политика и стратешкиот интерес на земјата, и во најкраток можен рок да биде закажана седницата за одбрана на тезите на идните амбасадори“, вели Османи.

Слични Објави