Фон дер Лајен: Европа мора да ја извојува својата независност во новиот светски поредок
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во своето годишно обраќање „За состојбата на Унијата“ пред пратениците во Европскиот парламент изјави дека Европа мора да ја извојува својата независност и да ја зачува способноста самостојно да ја одредува својата иднина, јавува БГНЕС.
„Европа е во битка за вредности и демократија, за слобода и за можноста самите да ја определиме нашата судбина. Тоа е борба за нашата иднина,“ нагласи Фон дер Лајен.
Таа повика на прекин на внатрешните поделби и поголемо единство меѓу земјите членки, институциите на ЕУ и проевропските демократски сили. Фон дер Лајен најави одржување на специјална конференција за заштита на украинските деца однесени во Русија, потенцирајќи: „Секое киднапирано дете мора да биде вратено.“
Европската комисија ќе го зајакне режимот на санкции против Русија преку забрзано елиминирање на зависноста од руските фосилни горива и контрола врз таканаречената „флота во сенка“. „Ни треба поголем притисок врз Русија за да седне на преговарачка маса. Веќе работиме на 19-тиот пакет санкции во координација со партнерите,“ истакна Фон дер Лајен, остро осудувајќи го и прекршувањето на воздушниот простор на Полска со повеќе од 10 дронови Shahed.
Таа најави формирање партнерство за технологии за дронови со Украина, кое ќе биде финансирано со заем од 6 милијарди евра преку Иницијативата за забрзано финансирање (ERA) на Г-7. „Украина ја има инвентивноста, но ѝ треба обем. Заедно можеме да го обезбедиме тоа и во исто време да ги зајакнеме европските капацитети,“ нагласи таа.
Фон дер Лајен предложи и делумна суспензија на Спогодбата за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, особено во делот на трговијата, како и санкции против екстремистички министри и насилни доселеници.
Претседателката на Комисијата подвлече дека ЕУ мора да располага со сопствени независни стратешки капацитети, меѓу кои и следење на вселената во реално време и „ѕид од дронови“. Таа најави претставување на „јасна патна карта“ за нови заеднички одбранбени проекти, како и заем за обновата на Украина, финансиран преку каматите од замрзнатите руски средства.


