| |

Фон дер Лајен: Еврото дополнително ќе го зајакне гласот на Бугарија во Европа

„Бугарија се приклучува кон еврозоната, едно од најголемите достигнувања на Европската унија. Овој значаен момент е одраз на години напорна работа и посветеност, како и надминување на бројни предизвици. Еврото ќе донесе придобивки за бугарскиот народ, олеснувајќи ги плаќањата и патувањата“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во пресрет на 1 јануари 2026 година, кога Бугарија ќе го воведе еврото како своја официјална валута.

Претседателката на Европската комисија нагласи дека овој историски момент ќе отвори нови можности за бугарските компании, овозможувајќи им подобро да ги искористат придобивките од единствениот европски пазар.

„Тоа дополнително ќе го зајакне гласот на Бугарија во Европа. Овој чекор е добар за Бугарија и ја зацврстува Европа како целина. Тој ја прави нашата економија поотпорна и поконкурентна на глобално ниво. Честитки, Бугарија! Можете да бидете горди на постигнатото“, истакна фон дер Лајен.

Само по неколку часа, евробанкнотите и евромонетите ќе станат опиплив симбол на слободата, удобноста и можностите што Европската унија им ги нуди на своите граѓани.

Од Канцеларијата на Европската комисија во Софија потсетуваат дека Брисел силно ја поддржуваше Бугарија на нејзиниот пат кон еврото. Со приклучувањето на Бугарија, 21 земја членка на ЕУ и над 357 милиони граѓани ќе ја споделуваат заедничката валута на Унијата.

Јавната поддршка за еврото во ЕУ и еврозоната останува многу силна, при што мнозинството граѓани сметаат дека еврото е добро и за Европската унија како целина и за нивната сопствена земја, покажуваат резултатите од последното истражување на Евробарометар.

Слични Објави