(Фото) Пред распаѓање покривот на хотелот „Десарет“во Охрид, активисти предупредуваат дека е потенцијална опасност по животите на гостите
Активисти на Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ информираат дека жители на Пештани деновиве им приложиле фотографии од хотелот „Десарет“ и состојбата во која се наоѓа истиот.
„Деновиве жители на Пештани ни ги приложија фотографиите во прилог „со цел да постигнеме правно решавање на случајот и постапување по издадено решение без да се штитат поединци.“ Се работи за објектот на хотелот „Десарет“, стои во информацијата од Активисти на Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“.
Хотелот е во сопственост на АД „Охридтурист“ но е даден под закуп на поранешниот пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на СДСМ, Лазе Таневски. Причината за реакција на жителите е кровот над салата за ручек, мензата, ресторантскиот дел, кој е пред распаѓање што претстaвува потенцијална опасност по животите на гостите (кои често се деца). По пријавата до општина Охрид уште минатата година, овластен градежен инспектор излегол на терен, направен е записник и во тој записник е дадено задолжение да се санира кровот до 30.4 2026 година т.е до почеток на сезоната и приемот на први гости“, истакнуваат активистите од граѓанската иницијатива.
По ова решение, како што информираат, не е постапено и револтот на жителите е што за првомајските празници хотелот имал полн капацитет.
„По дополнителната пријава одговорот бил дека не можело да се најде изведувач и затоа кровот не е саниран. Во повторниот допис до општината им било одговорено дека всушност кровот не бил така лошо оштетен но не им одговориле зошто и после половина година не се постапило по решението издадено од надлежниот инспектор. По ова следувала пријава до Државен градежен инспекторат за несовесно работење на службеничката и штитење интереси на сопствениците на хотелот.
Хотелот „Десарет“ е проектиран од охридскиот архитект Пантелеј Митков во 1973 година и претставува дел од современото архитектонско наследство на Охридскиот Регион, кое нема соодветна заштита и однос од државата и надлежните институции. Пред неколку години уникатниот објект на ресторан „Парк“ дело на уште еден познат и наградуван охридски архитект беше демолирано преку ноќ за време на полициски час во услови на пандемија, иако претходно побаравме од институциите негова привремена заштита“.
