Фотоизложбата „Босилеград некогаш и сега“ гостува во бугарскиот град Козлодуј
Здружението „ГЛАС“ од Босилеград денеска, 16 ноември, во 17:30 часот ќе претстави дел од фотоизложбата „Босилеград некогаш и сега“ во Домот на енергетиката во Козлодуј, Бугарија, објави glaspress.rs. Во програмата е вклучена и проекција на документарниот филм „Тврди лушпи“, пренесува Радио Бугарија.
Изложбата содржи над 40 фотопаноа со мотиви и пејзажи од Босилеград и околните села, како и фотографии на традиционалната босилеградска народна носија. Автори се седум професионални фотографи кои учествувале на фотографските пленери на здружението во 2023 и 2024 година.
Гостувањето се организира на покана на потомци на доселеници од Босилеград во Козлодуј. Врските меѓу двете заедници потекнуваат од 1901 година, кога со указ на кнезот Фердинанд, 106 семејства од 16 босилеградски села се преселиле во Козлодуј.
„Подготвивме над 40 фотопаноа и документарен филм, со кои сакаме да прикажеме мал дел од убавините на Босилеград и неговата околина, како и да ја запознаеме јавноста со историјата на Велигденскиот фестивал“, изјавија претставници на „ГЛАС“.
Документарниот филм „Тврди лушпи“, во режија на Владислав Чанев, ги следи предизвиците со кои се соочуваат организаторите на Меѓународниот детски велигденски фестивал во Босилеград, кој годинава се одржал по 33-ти пат.
Изложбата е изработена со поддршка на Министерството за надворешни работи на Бугарија, преку програмата за поддршка на организациите на бугарските заедници во странство, и ќе биде отворена до 27 ноември.
