Францускиот институт во Скопје ја организира манифестацијата „Ноќ на идеите“
По успехот на двете изминати изданија денес во 18 часот на Машинскиот факултет„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Францускиот институт повторно ја организира манифестацијата „Ноќ на идеите“ на заедничка тема „Моќта на креативноста“.
Се работи за меѓународен настан, за една широка средба посветена на современата мисла и на споделување на идеите на светско ниво.
На темата за 2018 година, „Моќта на креативноста“, „Ноќта на идеите“ ќе ги поттикне интелектуалците, истражувачите и уметниците од најразлични сфери во светот да дебатираат на истата.
Во овој контекст, Францускиот институт во Скопје организира предавање и дебата на тема #иновации, на која учество ќе земат:
– г-дин Оливје Крузе, педагошки директор на Школата 42, којшто ќе ја претстави Школата 42 и дигиталната трансформација во образованието. Тој, воедно, ќе го претстави најголемиот европски стартап инкубатор Станица Ф,
– г-дин Волхан Салаи, единствениот студент од Македонија на Школата 42, којшто работи во најголемиот европски стартап инкубатор Станица Ф (видео-презентација),
– проф. д-р Радмил Поленаковиќ, професор на Машинскиот факултет во Скопје, којшто ќе ја изложи ситуацијата во областа на иновациите на домашен план, и
– г-дин Кристијан Данаиловски, ко-основач на најголемата македонска компанија за анимации и визуелни ефекти – FX3X.
Модератор: г-дин Александар Стамболиев, претседател на Фондацијата „Проф. Д-р Димитар Стамболиев“.
Настанот ќе го отвори Н.Е. г-дин Кристијан Тимоние, Амбасадор на Франција.
Настанот се организира во соработка со Машински Факултет Скопје, Факултет за електротехника и информациски технологии, Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Фондацијата „Димитар Стамболиев“.
Со оглед на тоа дека местата во салата се ограничени, вашето присуство можете да го најавите на [email protected]
