|

Франкенштајн

Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/Нетпрес

Се стаписав и со неверување ја примив веста дека Агенцијата за национална безбедност, во времето на претходната власт, незаконски следела медиуми и опозициски контакти. Зарем после сите разузнавачки „фекалии“ што се излеаа од оваа институција во годините на независностa на Македонија и после „сериозните“ организационo јазични реформи низ кои помина нашиот разузнавачки систем, вакво нешто воопшто можеше да се случи? Не е можно после се’ ова и понатаму да детектираме политички злоупотреби во функционирањето на разузнавачките служби во Македонија? До кога?! Очигледно ваквото однесување на разузнавачките служби е синдром на сериозно заболено општество, општество кое инклинира кон тоталитаризам. Во Македонија не е отидено предалеку – се зајде без мерка со следење на политичките противници и примена на какви се’ не мерки на контрола на приватната сфера на неистомислениците. Секоја нормална демократска држава после толку обелоденети случаи на прислушувања и политички следења од страна на тајната полиција и кој се’ не, ќе ги активираше механизмите на самоодржување и ќе се обидеше да го репарира заболеното ткиво кое го метастазира организмот. Велам, секоја нормална демократска држава, освен нашата. Ние како мазохистички да уживаме во политички натпревар на искористување на разузнавачките служби за цели на тоталитарен надзор над граѓаните, рушење влади, сеење страв и потикнување јавно воајерство.

За жал, сиве години на независна Македонија не успеавме да ја уништиме привлечната „магија“ на тоталитаризмот на претходниот режим, кој длабоко се вгнезди во свеста на наследниците на иделогијата на злото, распослани во разузнавачкиот систем на државата. Тие продолжуваат да бидат заведени од отровната привлечност на минатото функционирање на тајната полиција и нејзиното токсично  влијание врз современите демократски процеси и институции во државата. Зарем некој се уште има  дилема, после се’ што ни се случуваше последниве години, дека неуспешна транзициска правда е патент во опстојувањето на поранешниот малиген човечки материјал во разузнавачките служби, трансформиран и социјал демократски унапреден? Оваа држава отиде предалеку во следење и надгледување на граѓаните. Нормално, кога е во прашање приграбување на власта, незаконското следење и не изгледа за толку големо зло.

Веќе немам дилема. Македонија е лош демократски клон на социјалистичката држава од пред независноста. Што уште треба да ни се случи за да ја разбереме причината за општествениот инжињеринг со македонската држава по нејзиното осамостојување од страна на разунавачките служби. Колку пати треба да го видиме грдото лице на транзицијата, за да ги детектираме архитектите на злото кои не држат во заложништво на минатото. Систем кој беше креиран за „избраните“ и оставен во наследство продолжува да претставува еден од главните внатрешни извори на конфликти и закани по внатрешната безбедност на државата, со што Македонија се држи далеку од можна либерална и демократска иднина. Секогаш сум затечен и изненаден од моќта на самоодржливоста на разузнавачкиот систем, создаден од некогашната комунистичка номенклатура на идеолошки безскрупулозни извршители, кодоши, егзекутори, полтрони, национално обезличени поединци, кои се обидуваат да го воскреснат системот на политичка контрола на внатрешниот непријател од нивното „светло“ минато.

Со години гледам како лешот на еден тоталитарен систем на контрола над општеството го шири мирисот на распаѓање во обидот да се етаблира  во новото време. Не случајни беа досиејата „Дувло“, „Рашомон“, „Темел“, „Големото уво“, досието „Креатор“, „бомбите“ на Заев, како начин на продолжено идеолошко детектирање на внатрешните непријатели од социјализмот во новиот демократски систем кој го градиме по независноста. Креаторите на ваквите досиеја можеа да опстанат само во контролирано општество со благослов на политиката, за да го рашират изворниот вирус на тоталитаризмот во функционирањето на разузнавачкиот систем. Кога не успевате да го исчистите канцерот во општеството, тој станува негов тивок убиец. Мислам дека предолго живееме во историска депонија од минатото, особено таму каде треба да се брани државата од надворешни закани по својата безбедоност. Затоа посакувам еднаш за секогаш да го дезинфицираме минатото за да имаме сегашност. Порано не верував дека системот на тоталитарна контрола во општеството е разградив, но сега верувам дека мораме и можеме да го расчистиме ова историско буниште што ни остана од нашето тоталитарно минато во разузнавачкиот систем. Се додека овој разузнавачки Франкенштајн не го демонтираме, патетично ќе звучат аргументите дека новиот  вредносен систем на македонската држава го промовира концептот на слободите и правата и институциите што имаат демократски капацитет да ги заштитат. Без тоа нема иднина за државата.

И, секако, слободно нека ја задржат сликата во АНБ (знаат тие која), или каде било во системот на следење, на која пијам утринско релаксирачко кафе во друштво на еден амбасадор и сопственик на радио, за која сериозно се скилавиле да ја направат од горните простории на еден приватен факултет. Да побараа ќе им ја олеснев работата, барем мојата слика ја имаат секоја недела пред моите колумни. Патетично и тажно е во што се претвори служба која треба да ја штити државата од активности на странски разузнавачки служби. Наместо тоа како во минатото самата продолжува да детектира, само врз нејзини познати критериумим „внатрешни непријатели“, како во стариот добар комунизам од чиј шинел никако да излезе.



Слични Објави