| |

За одговорноста

Одговорноста, како карактерна особина, како кај поединците, во нивните лични релации, во семејството, пријателите, кон колегите, и најважно кон институциите на системот е суштински елемент во изградбата на едно просперитетно, уредено и среќно општество како збир на индивидуи. Моралот, како врвна човечка  доблест е правопропорционален со одговорноста. За жал, денеска во глобализираното, „ модерно“ општество, ниту одговорноста, уште помалку моралот не се „ на цена“, особено не на Балканскиот полуостров. Падот на социјализмот, како еден општествено-политички систем со свои предности и слабости, отвори широко поле за реорганизирање на посттоталитарните општества. Балканските народи и држави, не го положија тестот на времето и историјата, па така поткупливоста, корупцијата, лагата, измамата, медиокритетството станаа „ вредности“ кои просечниот балкански човек ги ценеше како потребни за опстојување во едно време „ невреме“, какво што го опишуваа постсоцијалистичкото. Македонските граѓани, исто така, со своето поведение во изминатите скоро три десетилетија, не отстапуваат значајно од  балканскиот просек.  Дали треба да си го поставиме прашањето каде згрешивме, и што тоа толку  што не чини го повторуваме, па не успеавме да создадеме една пристојна, уредена, стабилна држава во која граѓаните ќе бидат задоволни од својот квалитет на живот, и исто така, иднината младите ќе ја гледаат токму тука во Македонија? Одговорот на ова прашање е комплексен, или многусложен, но еден од аспектите е немањето на лична одговорност кон сопствените постапки. Луѓето се изземаат од одговорност и во своите односи кон семејството, на училиште, кон своите врсници, колеги, но најчесто кон работата и општеството како свој социоконструктивистички дом. Се чини, некако дека Македонецот, секогаш ја одбирал „ линијата на помала одговорност“, или уште полошо „ линијата на префрлање на одговорноста кон другиот“. Тоа меѓу другото доведе до општ хаос на моралните кодекси на битисување и функционирање во една општествена целина, и спротивно воведе модел на „ неморал “ во непишаните општествени релации. Денес, за жал, како никогаш порано, тие што со измама, нечесност, со лага и без труд и пот стекнале материјални богатства се  „ новите идоли на нацијата и генерацијата“ кои место да бидат осудени  и поставени на „ националниот морален ѕид на срамот“, на нив се гледа како репер и пример од кој треба да „ се учи“. Во беспоштедната трка по материјални ствари и многу пари, луѓето во нашата земја, ги заборавија од своето социјално и општествено наследство: солидарноста пред се, како одлика на поранешниот управувачки систем, искреноста, другарството, културата на однесување ( бон тон), учтивоста, пристојноста, и пред се чесноста.  Ние нашата држава ја претворивме во „ кафез“ во кој овие погоренаведени вредносни коти воопшто не важат , бидејќи во кафезот важи „ законот на џунглата“,- општествено/ институционален хаос во кој само најсилните , најмоќните, тие со најголеми „ врски“ преживуваат на сметка на останатите.  Од каде да почнеме, за да изградиме едно достоинствено општество за сите? Па, едноставно од нас самите. Доволно е само секој да го преиспита својот однос кон се што се однесува, и ако ги промени овие ориентални навики, и ги отфрли од својот балкански менталитет , Македонија да доживее прогрес и развој. Најнапредните нации и држави, напреднале поради напреднатиот менталитет на своите граѓани, а не поради „ природните или географски услови“. За Швајцарија да биде денес  тоа што е, елементарно мора да живеат во неа Швајцарци. За Македонија да биде „ Швајцарија на Балканот“, денеска  мора пред се македонските балкански граѓани да сакаат да бидат „ Швајцарци на Балканот“.  Се додека вината ја префрламе врз друг: соседите/ големите сили/ светскиот заговор итн. , нам брзо, неосетно ќе ни проаѓа единствениот живот без можност за реприза. Три децении фрлени во „ вода“ или поминати во „ ветер и магла“ се навистина многу, за уште толку да потрошиме без да се погледнеме во  огледало и да се запрашаме самите себе си? Дали е толку тешко и невозможно да се промениме?!

Автор: Благојче Атанасоски, историчар, м-р по политички науки

Слични Објави