Г-НЕ ГРУЕВСКИ ДОБАР ЛИ Е ГУЛАШОТ?

211 години затвор за 16-мината осудени денеска…

Тие години ќе му се запишат на „патриотот“ Груевски, бидејќи тој беше иницијаторот на планот „народот да не седи дома во папучи“, туку да излезе надвор и да си ја одбрани државата.

Денеска државата е со сменет устав и променето име (неодбранета), Груевски си го лади во Будимпешта, а „портирите“, кои му „овозможија“ на „народот“ да влезе во улогата на „уставобранител“, одамна се амнистирани. Некои од нив дури си лапаа тендери додека беа во притвор. Што повеќе да ви кажам за македонската правда?

Нам ни останува да се надеваме дека втор 27 април нема да ни се случи, не поради тоа што нема македонски пратеници кои не заслужуваат ќотек по тоа ненаситните усти, туку поради фактот дека, ако пак станеме сведоци на таков немил настан, повторно ќе го јадат голтарите. Велам голтарите оти еден од осудените Горанчо Ангеловски сам рече дека немал пари ни да се врати дома во Велес и затоа ќе остане во Шутка, каде што со голема доза на иронија изјави дека му е супер.

Јас не планирам да ја колнам Кацарска. Таа суди така како што судеше и за време на владеењето на Груевски со други зборови, така како што треба за да и е мирна главата.

Јас сакам да го прашам поранешниот премиер Груевски, дали му се погоди гулашот, оти заради неговиот комодитет едни луѓе беа насанкани и сега ќе служат долги години робија. А беше време кога богот Гру сам се пријавуваше да лежи, цитиран од „објективните“ ДПМНЕвски портали. Минато завршено време е тоа. Сега да му ја мислат тие кои се најдоа од погрешната страна на јајцата на македонската правда.

Автор: Атанас Величков-Батко Тане