| |

ГАЌИТЕ НА ПРОМЕТЕЈ И ДРЖАВОТВОРНИТЕ ТЕПИСИ

Вчера објавив на мојот facebook профил една заедничка фотографија на двајца големи синови на Македонија. Убави момци, храбри… Останале во историјата со својата саможртва за Неа.

Колку ли ни се извитопери семето, за денеска да се прашуваме зошто дозволивме на Прометеј да му облечат гаќи, а нам да не ни дозволуваат да ги исфрлиме тешките теписи на нашата државност бидејќи под нив се кријат тонови ѓубре.

Ни недостасува и некој наш дедо Добри, сличен барем за микрон на оној светец од софиско Бајлово. Ни недостасува тој миг на морници, откако ќе сфатиме дека во животот материјалното е средство, а не цел.

„Ѓаволот е во главите“, вели дедо Добри…

Како да го избркаме од таму, има ли некој рецепт?

Јас не знам.

Знам само дека секој ден ние сме се подалеку и подалеку од нормалноста и за тоа не е виновна новата нормалност што е нашиот сегашен тренд, туку нашата духовна дистанца еден од друг. На физичката одамна се навикнавме, короната само ни го потврди тоа.

Има ли сила нашето општество да исчува едни нови Сарафов и Чакаларов, момците од фотографијата што ви ја спомнав на почетокот од овој текст?

Можеби веќе постојат и работат, но не можеме да ги видиме од тоновите лошотилук и евтинија со коишто сме бомбардирани. Доблеста не продава така добро како тазе пуштена бомба или бисер од типот „со Бојан Јовановски зборевме за новиот закон за јавно обвинителство“…

Тука можеби се крие и основната причина за ѓаволот во нашите глави. Муабетиме со неправилните луѓе за правилните теми. Резултатот од таквата небулоза е јасен. Катастрофа.

Токму поради таа причина му облекоа и гаќи на Прометеј, но не за да му го сoкријат фалосот, туку за да не му се гледаат јајцата. Оти само човек со јајца (без разлика на полот) може да ги собере оние теписи што веќе со години го кријат ѓубрето што сите заедно државотворно го направивме.

Време е за чистење, и нека не ве плаши вториот, третиот или четвртиот бран на короната. Чувајте се!

Автор: Атанас Величков



Слични Објави