(ГАЛЕРИЈА)ТИКВЕШКОТО ЕЗЕРО –МИСТЕРИОЗНА УБАВИНА ШТО ДУША ЛЕЧИ

Покрај многуте значајни обележја со кои се одликува градот Кавадарци, исто така значајно место зазема и вештачкото езеро кое се протега во Етнографскиот предел-Тиквешија, каде што и оттаму го добило своето име Тиквешко Езеро.Ова езеро се создало во далечната 1968-ма година со преградување на кањонот на Црна река и изградба на брана чија висина изнесува 104 м.

Неверојатна убавина крие Тиквеш а со него и езерото. Од сите страни, опколено е со кањони и џунгла и ви дава впечаток како да пловите низ Амазон. Карактеристично за Тиквеш, е дека секаде се стигнува преку чамец. Чувството додека пловите со чамецот е истовремено застрашувачки но и зачудувачки од самата глетка која ви ја дава природата. Над вас се издадени стрмни кањони и ендемски вид на дрвја кои растат само на тие предели. Од ендемските видови дрвја е и дрвото наречено “Гол човек”, чии што гранки се прилично мазни и бојата наликува на човечка кожа, па и оттаму се поврзува етимологијата на името.

Додека пловите, езерото ве води кон еден од најзначајните културно-историски споменици а тоа е Манастирот св.Ѓорѓи или помеѓу народот познат како Полошки манастир. Името на манастирот потекнува од селото Полошко кое постоело пред создавањето на Тиквешкото Езеро.Манастирот се наоѓа на левиот брег на Тиквешкото езеро во подножјето на планината Вишешница и изграден е во втората половина на 14-от век кој несомнено претставува значаен белег во македонската- виртоузна духовна уметност.

Тиквешкото езеро е прибежиште на голем број ендемски видови и подвидови на риби, животни и растенија.Самиот предел претставува исклучителна убавина, развиен биодиверзитет и природен резерват. Се наоѓа југозападно од Кавадарци и претставува по површина најголемо вештачко езеро во нашата земја.

На бреговите од езерото се распослани рибарски монтажни  куќарки но и викендици, каде што луѓето доаѓаат да се рехабилитираат од “цивилизацијата”. Некои од нив доаѓаат за риболов, други за лов трети да се соединат со природата и да уживаат во благодетите со кои таа располага.

За оваа етнографска целина постојат многу легенди и преданија, кои најчесто се поврзани со мистериозноста на Тиквешкото езеро. Според мештаните, односно локалните рибари кои ги сретнав во текот на моето истражување, за најинтересна ја сметаат легендата за “ендемскиот вид на сом, со должина на кит кој проголтувал цели чамци”. Друга пак, според други извори се поврзува со “мештаните кои правеле свадба на Тиквешкото езеро и веднаш по свадбата сите се удавиле.Се верувало дека години по свадбата, се појавувале и играле црно-бели силуети, ноќта во 12часот на полноќ, во периодот наречен глува доба”.

Мистериозноста на Тиквешкото езеро исто така можеме да ја поврземе со постоењето на Џоломарството,обичај во с.Бегниште,кој се практикува за време на Василица. Учесниците во овој обред, се нарекуваат Џоломари-маскирани мажи исцрнети во лицето со долги бради и  облечени во кожувки на кои се закачени клопотарци, звонци кои прават силен вресок и се верувало дека на тој начин се истеруваат лошите сили и духови. Во групата на маскирани мажи, се јавувале маски на невеста и баба, каде што нивната симболика се поврзува со плодноста и еротиката.

Овие обреди припаѓаат во групата на културно материјално богатство, вкоренети во нашиот идентитет и постанокот на човештвото во Космосот. Интересно зарем не? Истовремено претставуваат генијална но и застрашувачка идеја некогаш создадена од човекот низ времето и нешто по кое нашата земја се разликува од останатите во светот.

Автор: Кристина Паскоска, етнолог



Слични Објави