| |

„Гардијан“ го истакна романот „Остајница“ меѓу финалистите за „Букер“ 2026

Британскиот весник „Гардијан“ објави детален преглед на финалистите за Меѓународната награда „Букер“ 2026, при што посебно внимание му посвети на бугарскиот роман „Остајница“ на Рене Карабаш, јавува БТА.

Весникот го опиша овогодинешниот краток список како „исклучително разновиден“, а романот „Остајница“, преведен на англиски од Изидора Анжел и објавен од Peirene Press, го издвои како „можеби најформално иновативната книга“ во конкуренцијата.

Според „Гардијан“, делото се истакнува со необична структура и поетски јазик. Романот ја следи приказната на 33-годишната Бекија од рурална Албанија, која живее под притисок на архаични традиции и решава да стане „заколната девица“ – жена што ја прифаќа улогата на маж во патријархално општество.

Изданието нагласува дека книгата импресионира со „силни и вознемирувачки слики“ и со скриена љубовна приказна што постепено се открива низ фрагментираниот наратив. Според „Гардијан“, токму сложената и експериментална форма може да биде предност во трката за „Букер“.

Весникот ја оценува „Остајница“ како „предизвикувачки“ и „неконвенционален“ кандидат, а самото влегување меѓу шесте финалисти го смета за значајно меѓународно признание за бугарската литература. Ова е втор бугарски роман во историјата што стигнал до краткиот список на Меѓународниот „Букер“, по „Засолниште во времето“ на Георги Господинов, добитник на наградата во 2023 година.



Слични Објави