Гасот на народот
Пишува: Бране Стефановски/Слободен печат
Има теми што се губат од актуелниот ракурс ако не се зборува за нив, па паѓаат во заборав, а се од витално значење за државата и за граѓаните. Така е со темата за гасификацијата на земјава. Во име на народот, надлежната НОМАГАС на јавноста ѝ го врти грбот со непрецизни информации.
Во изминативе 30-ина години едно од главните ветувања и надежи за македонското население беше дека сега, кај и да е, ќе почне да го користи гасот како енергенс за затоплување и за готвење, зашто бил многу поеколошки од другите горива, не чадел и е многу поевтин од струјата. И така, со децении – гасот, па гасот! А на гасот никако да му се чуе гласот.
Уште на почетокот на 2022 година, директорот на тогашното јавно претпријатие „Национални енергетски ресурси“ – НЕР (сега НОМАГАС), Бајрам Реџепи, кој беше максимално отворен за новинарите/јавноста, нè брифираше дека во наредните четири години многу индустриски објекти, институции, домаќинства, ќе можат да се приклучат и да користат природен гас, а неговата цена ќе биде формирана на светските берзи. Во негово време речиси беше завршена изградбата на главниот преносен систем, прстен што ја обиколува целата територија на земјава. Освен тоа, НЕР го договараше поврзувањето на мрежата со другите мрежи што водат до изворите на гасот и дека е во процес затворањето на финансиската конструкција и добивање на потребните одобренија за градба.
Договорот за грант од WBIF, во вредност од 10 милиони евра за градба и договорот за заем со ЕИБ, веќе беа потпишани и во тек беа преговорите со ЕБОР.
Така, интерконекторот требаше да стане оперативен во текот на 2024 година, со што ќе имавме пристап до поконкурентни и постабилни пазари на природниот гас, односно ќе бидеме поврзани преку преносната мрежа на ДЕСФА, ќе имаме директен пристап до ТАП (Trans Adriatic Pipeline) и до ЛНГ – терминалите во Грција.
Јужниот гасен коридор беше инициран од Европската комисија во 2008 година како дел од напорите за намалување на зависноста на Европа од рускиот гас и зголемување на диверзификацијата на снабдувањето. Коридорот од Азербејџан до Европа ги вклучува SCPX, TANAP и TAP, со вкупна инвестиција од околу 35 милијарди американски долари. Главниот извор на снабдување е гасното поле Шах Дениз во Каспиското Море.
До средината на таа 2022 година требаше да заврши постапката за јавно – приватно партнерство, за финансирање, за изградба и за одржување на дистрибутивната мрежа на целата територија на државата.
Операторот за дистрибуција ќе има обврска во околу 40 општини да почне изградба на дистрибутивната мрежа. Во градските општини ќе треба да се изградат над 50 проценти, а во руралните над 20 отсто од предвидената мрежа. Тогаш временската проекција беше – во наредните четири години многу индустриски објекти, институции, домаќинства ќе можат да се приклучат и да користат природен гас.
Но, на почетокот на месецов, по толку години во кои немаше информации за текот на настаните, заменик-министерот за енергетика Лабудовиќ, информира дека се планира „До крајот на годината да почне изградбата на интерконекторот (гасовод) кон Грција, што ќе овозможи директен пристап до алтернативни извори на снабдување“.
Значи, се доцни околу 3 години, а работата се претставува како успех на оваа влада.
Бидејќи гасификацијата е доделана да ја води НОМАГАС, ние се обративме таму со надеж дека континуитетот е задржан, дека таа компетенција е на истото место и дека новиот директор сигурно е добро информиран и е расположен за соработка со медиумите, односно со јавноста. Сметавме дека на толку претходно завршена работа, на него е само да ги спроведе финалните работи, гасот што побргу да стигне до индустријата и до граѓаните, ама наидовме на тешкотии во комуникацијата. Првин баравме телефонски контакт со него, но ни беше речено дека можеме одговор да добиеме само преку имејл кореспонденција. Ајде, и тоа го прифативме и пративме прашања. Но, добивме и многу „опширни“ одговори, па затоа преписката ви ја пренесуваме во целост:
1. На состанокот со „Казанџи груп“ (можен концесионер м.з.), беше најавена инвестиција на оваа групација во вредност од една милијарда евра во енергетскиот сектор или посебно во секторот природен гас. Дали државата ќе обезбеди сигурност во снабдувањето со природен гас, или тоа ќе биде нивна обврска?
Одговор:
– За ова прашање Ве молиме да се обратите до Владата на РС Македонија.
2. Беше најавено дека оваа групација ќе инвестира и во секторот со топлинска енергија, дали се планира да ја преземе постојната мрежа на топлификација од ЕСМ, или ќе се гради друга инфраструктура?
– За ова прашање Ве молиме да се обратите до Владата на РС Македонија.
3. Беше најавено дека ќе ја гради и гасната дистрибутивна мрежа, по кој модел тоа се планира да биде? Дали ќе се отвори постапка за јавно приватно партнерство, или тоа ќе оди со закон за стратешки инвестиции?
– За ова прашање Ве молиме да се обратите до Владата на РС Македонија.
4. Колкав ќе биде концесискиот период?
– За ова прашање Ве молиме да се обратите до Владата на РС Македонија.
5. Дали ќе се планира оваа инфраструктура да служи и за дистрибуција на водород?
– Сите нови инфраструктури за пренос и дистрибуција на природен гас ќе бидат компатибилни за пренос на водород.
6. Кој модел ќе се избере за изградба на гасните електрани?
– За ова прашање Ве молиме да се обратите до Владата на РС Македонија.
7. Дали државата ќе ја купува целата електрична енергија произведена од овие електрани и по која цена?
– За ова прашање Ве молиме да се обратите до Владата на РС Македонија.
8. Дали е реализирано купувањето акции на гасниот терминал во Александруполис?
– Не е реализирано, поради немање волја на дел од акционерите.
9. Дали е потпишан договорот за изградбата на гасниот интерконектор со Грција?
– Сè уште не е потпишан договорот за изградбата на гасниот интерконектор со Грција. Тендерската постапка е во тек.
10. Кога е планирано да почне изградбата?
– Изградбата се планира да отпочне во мај 2025 година.
Така, од овие „опширни и темелни“ одговори можеме да разбереме дека треба да ѝ се обратиме на нејзиното величество Владата, дека принцезата НОМАГАС не е компетентна за тоа за што е компетентна, ама не знае дека е компетентна. Па сега, не знаеме каде да се обратиме во Владата, дали да отидеме на врата и да чукаме, ама не знаеме на која врата, на кој кат, барем да ни беше кажано да се обратиме до Министерството за енергетика. Дали само Владата дава одговори во оваа држава, а на другите органи им е забрането да кажат што и да е за да не ја згрешат работата, или да кажат нешто што не треба да кажат?
Последниве години ниедна владина институција или јавно претпријатие нема вистински портпарол! Комуникацијата со државата е толку отежната, што можеме да речеме дека е блокирана, со тоа што никаде не е можен директен контакт со добро поткован портпарол кој ќе ги знае одговорите на сите прашања што ги поставуваат новинарите, кои за кратко време треба да напишат текст и да ја информираат јавноста, а во сите тие заветрини има работни места „портпарол“.
Но, тоа сега е претворено во една голема ладовина, без стрес и без одговорност. Едноставно, интересот на јавноста е занемарен, при толку ветување за транспарентност, за отчетност, за борба со корупцијата, за примена на мерит-системот, а не за згрижување на партиски кадри. Нестручните луѓе се плашат да дадат каков и да е одговор, а наместо одговор за гасот, на народот му го вртат газот.
И на крај, и гасификацијата веќе можеме да ја прогласиме за промашена инвестиција, затоа што и гасот е од фосилно потекло, а светот постепено ги напушта тие старовремски извори на енергија и се бори да ја освои обновливата енергија за да го намали загадувањето на планетава. Но, ние сме навикнати да нè прескокнуваат развојните епохи, да ги тераме работите полека, да чекаме нови избори на кои ќе се фалиме дека ќе ги реализираме проектите стари по 30 години… Па и сега, во овој период, предизборната кампања за локалните – е во тек!

