ГАЗДА НЕФИ И МАКЕДОНСКАТА КОСМОДИСК РЕАЛНОСТ

МВР сѐ уште нема распишано потерница за газда Нефи и неговиот брат Ибро. Основниот суд од Охрид треба да издаде наредба за тоа, ама како што изгледа за никаде не им се брза. Нефи не е ситна риба, сепак е бег во македонскиот бисер, а тоа не е мала работа. Башка тепаниот Спире го смени исказот и сега се претвори во вториот дел од изреката „тепаниот тепан, ебаниот ебан“.

Биле другарчиња и му се причинило дека го тепале… Во Македонија, која се повеќе заличува на земја во која ни се причинува дека има држава тоа е сосема нормална појава. На сите нас ни се причинува дека борбата против локалните шерифи дава некакви плодови. Скапани, ама ги дава и ние не можеме ни да се надеваме на повеќе.

Сега не е време за потерници, уште немаме стабилна Влада, сега е време да му го билдаме ореолот на великомаченикот Дим Че Апасиев преку „Алфа Ромео“-то на жена му.

Имаме еден куп поинтересни работи за тролање.

После изјавата на Ахмети дека неговата партија нема да се меша во случајот со Нефи и ќе го остави истиот на компетентните и надлежни органи, органите влегоа во улогата на умрена лисица. За секој случај, барем додека не помине фрката, како што поминаа и други фрки направени од истиот советник кој блеска со својот претпиемачки дух и краток фитиљ.

Нефи го тепаше и Џемал Мена, кандидат за градоначалник на Охрид на минатите локални избори. Најверојатно не се сеќавате на случајот, бидејќи Џемал не искочи после 3 дена за да каже дека му се причинило. Но тогаш немаше одреден притвор, а сега има и батево Спире, би требало да го јаде за давање на лажна изјава. Што ако има снимки од надзорните камери на хотелот. Во Македонија снимките важат само ако на нив се слуша дека „трошиме на чоколада, а немаме за леб“.

За примерот што Спирко му го даде на својот син нема да коментирам. Немам деца. Може му се заканиле баш по детето, може го платиле, еден Господ знае. Евтино се продаваме во последно време, многу евтино и тоа е поголемиот проблем.

Артан Груби, првиот вицепремиер во нашата космодиск демократија можеби сега ќе го признае судот што уште не дава наредба за распишување на потерница за Нефи и брат му. Сега судот најверојатно му чини, бидејќи, ако не ме лаже помнењето точно по срањава што се случуваа на Кале, пред 9 години, истиот тој Груби изјави дека не го признава македонскиот суд. Уште тогаш младиот Артан си беше фаца, ама кој да претпостави дека таква персона ќе кажува што може и што не може да помине како одлука на Владата.

Нам драги мои пријатели, ни останува да прилегнеме пред Собрание, како што прилегна батево од обезбедувањето на командант Форина и да чекаме.

Ќе чекаме на тепаните да им дојде преку таквото да бидат тепани, а не со сила да се прават ебани и секако ќе почекаме Нефи и брат му барем за 8 дена да видат што е тоа притвор во нашата мила татковина.

Наречете ме луд но мислам дека, ако не дочекаме Нефи конечно да добие казна за своите испади, би било фино да му направиме споменик. Нефи ме потсетува на многу евтина верзија на Борис Сарафов. Тие што имаат прочитано за овој голем македонски војвода и авантурист, ќе ме разберат што сакам да кажам. Кога веќе мојот земљак не заслужува споменик во Македонија, ајде да му направиме на Нефи. Нефи со пиштол ја тепа македонската космодиск реалност…

PS: Оливер Спасовски неколку дена пред 8 март 2018 г. ја покани во својот кабинет полицајката Јасмина Јаначковска, која ако се сеќавате се удри сама од „пајакот“ по вербална расправија со друг  локален шериф на ДУИ Бекир Асани од скопски Чаир. Се сликнаа, си поприкажаа и приказната како да заврши со среќен крај. Денеска две години по овој случај се чудам, ќе го покани ли некој министер, Спирко од Охрид, за да направат една фотосесија за на facebook? Ало студио, дали се слушаме?

Автор: Атанас Величков