СТАМОВ ПОБАРА ОД МИЦКОСКИ ДА СВИКА ВОНРЕДЕН КОНГРЕС

Бројот на делегати на конгресот, актуелни и поранешни партиски функционери, или општо членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои се приклучуваат кон идејата расте секој ден. Тоа ни дава право да заклучиме дека сме на вистинскиот пат, рече Борче Стамов, член на Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција пред Музејот на ВМРО.

loading...

– Долгогодишна пракса во западните демократии, но и во светот е после пораз на избори лидерот на партијата да поднесе или во најмала рака да понуди оставка од позицијата. Овој чин претставува практикување и почитување на демократијата и демократските вредности – посочи Стамов, додавајќи дека претходните претседатели на партијата Љубчо Георгиевски и Никола Груевски, при првиот свој пораз го запазиле овој стандард.

Стамов смета дека единствениот легитимен партиски орган кој би можел да дискутира за состојбата на партијата е Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, со што го повика Христијан Мицкоски да свика вонреден конгрес.


loading...

– За да се избегнат натамошни поделби најдобро е Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да свика вонреден конгрес. Оттука, го повикувам претседателот да покаже демократски капацитет и уште утре да свика и закаже вонреден конгрес. Ако претседателот на партијата е сигурен во довербата на членството, за него е најдобро да се повлече, па конгресот кој го избра да има шанси повторно да се изјасни за доверба кон него – истакна Стамов, нагласувајќи ја неговата лична желба за обединување на ВМРО-ДПМНЕ.