ГДУ: ДАЛИ ВО МАКЕДОНИЈА СЀ УШТЕ НЕЗАКОНСКИ СЕ ПРИСЛУШУВААТ НАШИТЕ ТЕЛЕФОНСКИ РАЗГОВОРИ?
Засрамувачката содржина на видео снимката која се појави во јавноста, а од која јасно се гледа и слуша како градоначалникот на Демир Хисар им се заканува на просветните работници пред децата велејќи им дека ги прислушува и дека знае што прават и каде одат, мора и треба да заврши со конкретни санкции, кривични и морални. Наместо промени, животот со закани и притисоци си продолжи, се вели во соопштението на политичката партија Граѓанско Демократска Унија- ГДУ.
Ова е пример за долго најавуваните реформи во образованието?
Очекуваме МВР да не се обидува да го релативизира овој случај, туку целосно да го расчисти и да излезе со сите детали пред јавноста. Дали снимката е стара или нова, тоа воопшто не е важно, бидејќи не го ослободува од одговорност демирхисарскиот градоначалник.
Никој во оваа држава не се чувствува безбеден. Граѓаните со право се плашат слободно да разговараат.
Заканите кои ги упатува Марјанче Стојановски, отвораат сомнежи дека и понатаму избраните и именуваните функционери ги злоупотребуваат инструментите на државата.
Дали во Македонија сѐ уште незаконски се прислушуваат нашите телефонски разговори?
Властите мора да нѐ уверат дека сме безбедни, во спротивно уште долго ќе сонуваме и само ќе зборуваме за демократија .
Одговорност за овој случај мора да има!