ГДУ-КУМАНОВО: КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ ЗА ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ, УБИСТВО ОД НЕБРЕЖНОСТ И ЗАГАДУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА!

//

„Се навршија 40 дена од денот на трагичната смрт на младиот Кристијан во водите на реката Пчиња, во селото Шупли Камен, во Куманово. Неговата смрт покрена лавина за незаконитото работење во дивите сепарации, кои буквално ја уништија природата. Наместо уредување на животната средина, станаа места на гола експлоатација и на  општа опасност за движење на луѓе и добиток.

Месец и половина, а државните институции уште си молчат или пак само попатно зазборуваат некои прекршочни пријави за пропусти во работењето. Поминуваат инспекции, но и самите се губат во поведените постапки. Бараат документи што не им се доставуваат, бараат соработка за утврдување на факти и докази што спротивната страна им ја одбива. И status quo.

Другари доста бевте фини едни со други. Знам дека чавка на чавка очи не колве, ама вие претеравте. Да се немало осет за ништо. Има ситуации кога можете така да си терате. Ама овде ѓаволот ја однесе шегата. Вашиот криминал однесе млад детски живот.

Граѓанско Демократска Унија- Куманово е навистина заинтересирана за целиот настан. Будно го пратиме и сакаме да има правна разрешница. Немојте да и ги замајувате очите на јавноста со соопштенија дека сте утврдиле одговорност за сторени неправилности и дека прекршочно ќе ги казните. Со тоа наводно правдата ќе биде задоволена.

Верувајте не ве оставаме на мира се додека не се поднесат кривични пријави и за правните лица и за нивните одговорни лица. Треба да одговараат и нивните јатаци во Владата, ама ајде барем директните виновници нека го осетат мечот на правдата.



Кривична одговорност за злосторничко здружување, за убиство од небрежност, загадување на животната средина и природата и предизвикување општа опасност, се само дел од кривичните дела кои мора да се стават на товар на оваа криминална структура. А кој е кој меѓу нив-повелете пред судот па објаснете.

Па сега зборот е збор-ајде на работа-кривични пријави и кривични постапки со ефективни казни затвор за да не уверите дека правилно функционира системот и дека никој не е над законите. Или можеби сѐ уште сме далеку од ова и треба уште да раснеме за да дојдеме на тоа ниво“, изјави на денешната прес-конференција, претседателот на ГДУ-Куманово, Перица Спасовски.

Претходна статија

БРАТОТ НА ИРАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ОСУДЕН НА ПЕТ ГОДИНИ ЗАТВОР

Следна статија

БУЗАКУ МУ СЕ ЗАКАНИ НА РЕЏЕПИ: ПОВЛЕЧИ СЕ, ИМАМ ДОКАЗИ ЗА ТВОЈ КРИМИНАЛ

Најново од Вести