ГДУ-КУМАНОВО: РЕШЕТЕ ГО ПРОБЛЕМОТ СО САНИТАРНИТЕ ЈАЗЛИ ВО УЧИЛИШТАТА
„Скоро сите општински училишта во Куманово, а да не зборуваме за оние во околните села, имаат проблеми со санитарните јазли и нивната хигиена. Или имаат техничка вода или немаат ниту тоа. За хигиената да не ни зборуваме-сликите од училишните тоалети се застрашувачки како од хорор филмови. Затоа и потполно ги разбираме децата кои не сакаат да ги користат, туку издржуваат цел ден за да одат дома.
Така училиштето во село Режановце нема вода две-три недели, санитарните јазли во ООУ Х.Т Карпош повеќе шират зараза отколку што се функционални за намената, десетици селски училишта вода добиваат од непроверени бунари или бушотини, а со сомнителен квалитет на водата. Зарем е тоа нормално?
Не е до немањето финансиски средства. Се е до организацијата и приоритетите кои локалната власт си ги поставува. Зарем родителите треба самите да се организираат и да спроведуваат акции на реновирање на тоалети? Нели сме сите буџетски обврзници кои даваат во буџетот и треба и да имаат бенефит од тоа?
Граѓанско Демократска Унија –Куманово не се согласува со ставот децата секогаш да ни се последни на списокот на приоритети. Секогаш нешто имаме поважно, а на децата и нивното физичко и ментално здравје никој да не обрнува внимание. Сепак тие се нашата иднина. Колку вложуваме во нив, толку и ќе имаме што да очекуваме.
Сите надлежни институции и државни органи да си ги засукаат ракавите и веднаш на работа. Крајно неодговорно е училишта со целодневен престој на деца да немаат вода со недели или пак да имаат само техничка вода, а за пиење да носат од дома. Државата мора да им ги обезбеди сите услови, кога веќе им наложи задолжително образование, како право и обврска.
Не е фер Скопје да има училиште од неколку милиони евра, а другите да се на отворено небо со полски WC-а. Децата се исти и треба да имаат барем приближни услови. Ако државата е секаде иста, треба рамноправно да се грижи за своите граѓани.
Менувајте нешто, под ИТНО! Доста страдаа најмалите. Акција ВЕДНАШ“, се вели во соопштението на ГДУ-Куманово.
